Дали ќе се реши проблемот со информативните табли?
Во рубриката „Ти си твојот град“, граѓани реагираа на поставените инфо табли на пристаништето. Табли, рекламни знамиња, инфо пултови, столчиња, чадори за сонце се дел од реквизитите кои си ги поставуваат бродари и сопственици на катамараните за понепосредно да ги запознаат минувачите на кејот со понудите за крстарења и екскурзии по езерото.
Од инфо таблите не се гледа езерото
И се ќе беше во ред тоа да беше подобро замислено и со подобар изглед. Вака како што е со таблите, секое лето на тој потег, најубавиот простор е претворен во ругло на Охрид – пишуваат граѓаните.
На оваа објава од „ТиСиТвојотГрад“ дел од граѓаните коментираа дека се нешто некому му смета. Тоа е последицата, а причината или проблемот е во тоа што во Охрид се некој нешто поставува на јавна површина без дозвола.
Општина Охрид не издала ниту едно одобрение за поставување на ваков вид табли. Надлежните инспекциски служби веќе се на терен и по утврдените неправилности ќе следат соодветни законски санкции за сите оние кои ги поставиле таблите и бесправно го узурпирале тој јавен простор – велат од Локалната самоуправа.
Дел од бродарите имале иницијатива или предлог до локалната проблемот со големиот број инфо табли да се реши на тој начин што ќе се осмисли еден инфо пулт и табла која ќе ги содржи сите понуди за бродовите и катамараните.
Општината пак, планира поставување на урбана опрема туристички информативен центар на почетокот на кејот, токму во непосредна близина на градското пристаниште. За таа цел градскиот Совет донесе одлука за давање на користење на инфо центарот кај поштата кој никогаш не профункционира.
Следнава недела ќе се пристапи кон објава на Јавен повик за пројавување на интерес за користење на недвижен имот- туристички информативен центар. Туристите ќе можат бесплатно да ги добијат сите потребни информации за туристичката понуда на градот – велат од Локалната.
Дали на овој инфо центар ќе се понудат само податоци за расположливите сместувачки капацитети и информации за актуелните настани во градот или ќе се реши и проблемот со информативните табли на бродарите останува да видиме.