Македонски бизнисмени купуваат
Се повеќе македонски бизнисмени се решаваат да инвестираат во соседна Албанија.
Се повеќе македонски бизнисмени се решаваат да инвестираат во соседна Албанија.
Најпогодни места за вложување на капиталот се примамливите Драч, Саранда и Валона каде македонски државјани, главно Албанци од Струга, Тетово, Гостивар и Дебар градат станбени згради, отвораат преработувачки капацитети, а особено купуваат деловен простор за отворање на ресторани, кафетерии, пицерии, слаткарници и слично.
Стопанската комора на Албанија излезе со слободна проценка дека во последниве пет-шест години во Албанија е инвестиран 800 милиони евра македонски капитал. Оттаму тврдат дека крај албанското крајбрежје се зголемува бројот на изградени хотели чии сопственици се од Македонија. Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија ни изјави дека нема прецизни информации колкави се македонските инвестиции во Албанија.
-Знам поединечни фирми што вложиле во соседна Албанија. На пример, тетовска Ренова има изградено свој објект кај западниот сосед. Ништо не е чудно да се вложува таму бидејќи границите се отворени – вели Азески.
Од членките на Сојузот на стопански комори, компанијата Логин системи што се занимава со ИТ технологија има инвестирано на албанскиот пазар која отвори свое претставништво во ноември 2007 година. Во Албанија веќе пет години е, присутна и фирмата Дени интернационал.
-Претставници на Сојузот на стопански комори предводени од претседателот Златко Калеников во април годинава престојуваа во Тирана и Драч. Целта на посетата беше да се подобрат условите за поголема соработка помеѓу компаниите од двете држави, да се осознаат условите за инвестирање на албанскиот пазар. Со комората во Драч потпишавме и Меморандум за соработка – велат од ССК.
Извршниот директор на Комората на Северозападна Македонија, Блерим Златку нема информација дека некое наше претпријатие има вложено во Албанија.
-Исклучок се неколку фирми со незначителен капитал што можат да се избројат на прстите на раката и тоа се претежно од ИТ секторот – вели Златку.
Според него, голем е бројот на македонски граѓани кои купуваат станови и деловни простори во Албанија бидејќи албанските закони дозволуваат странски државјани да купуваат и поседуваат недвижнини. Во Тирана цената на квадратен метар станбена површина изнесува околу 600 евра, во Драч становите со поглед на море се околу 500 евра, а во Саранда апартмани на Јонско Море се продаваат по околу 700 евра за квадрат. Меѓу купувачите, освен Албанци од Македонија се повеќе има и Македонци од Охрид, Битола, Прилеп и Скопје.
{loadposition content9}