Skip to main content

Здравство

Зголемен број карциноми и мозочни удари

Во пост ковид периодот зголемен бројот на мозочни удари и карциноми на подрачјето на Здравствениот дом „Д-р Светозар Чочороски“ Вевчани. Лекарите велат забележителни се и минливи пост ковид компликации како воспаление на срцевиот мускул и градна болка кои се лекуваат со лесна терапија. Лабуништа беше едно од првите села погодено од пандемијата, каде е излекуван најстариот ковид пациент со билатерална пневмонија.
 |  инфодеск  | 
Аладин Демишоски, интернист од Здравствен дом Вевчани

Зголемен број на мозочни удари во регионот кој го покрива Здравствениот дом „Д-р Светозар Чочороски“. Од Велешта, преку Вевчани до Лабуништа забeлежително е зголемување и на бројот на карциноми. Лекарите велат, засега нема студии дали има поврзаност на овие здравствени проблеми со корона вирусот.

„Имаме зголемена инциденца на мозочни удари. Не можеме да донесеме заклучок, бидејќи уште немаме релевантни студии, барем јас немам такви информации. Последниве две години симптоматично е, дали короната беше причината, овде во мојот регион да има зголемен број и на карциноми на желудник. Само лани во Лабуништа се детектирани пет случаи“ – вели д-р Аладин Демишоски, интернист од Здравствен дом Вевчани.

Лекарите велат забележителни се и минливи пост ковид компликации како воспаление на срцевиот мускул и градна болка кои се лекуваат со лесна терапија.

„Тоа се постковид компликации кои не се страшни, меѓутоа има мускулни болки, чувство на замор, намалена кондиција. Имаме забележано многу случаи на грбни болки кои се почести и повремени градни болки. Тука ни доаѓаат уплашени пациенти дека е од срцева природа, меѓутоа не се опасни во суштина“ – додава Демишоски.

Село Лабуништа беше едно од прво погодените места во пандемијата. Здравствениот дом во Вевчани и неговите испостави во Лабуништа и Велешта обезбедиле огромни количини кислород со кој се лекувале пациентите во домашни услови. Спасени се стотици заболени, а најстариот корона позитивен со билатерална пневмонија бил 95 годишен пациент од Лабуништа, кој е успешно излекуван.

Новинар Соња Рилковска