Skip to main content

Прес конференција

11 години Охридски народен театар

Во идејата, основањето како аматерски театар и неговото возобновување по 50 години како професионален театар се вткаени иницијативите и напорите на многу луѓе на кои денеска на прес конференција, по повод роденденот, им беше изразена јавна благодарност. Денешниот ансамбл на театарот кој брои 10 професионални актери си посака желба следните родендени да ги слави со многу повеќе вработени актери, режисери, драматурзи, техничка екипа и да се слави во една нова театарска зграда.
 |  инфодеск  | 
Охридски народен театар

Охрид конечно доби народен театар! Оваа вест беше пренесена од медиумите пред 11 години. Една мала група ентузијасти, амбициозни актери, болни оптимисти ја пречекаа оваа вест со солзи радосници, кажа на денешната прес конференција по повод роденденот, актерот Стрезо Стаматовски.

Таа група надополнета со уште неколку актери го сочинуваат денешниот ансамбл на театарот кој брои 10 професионални актери.

Десет силни души како актери, амбициозни и работливи. Вие сте сведоци дека секој режисер кој работел со овој театар ја фали оваа екипа. Можеби е нескромно да кажам, но работиме со сите можни сили во сите оние услови кои ги имаме односно немаме. Оваа вечер пред да ги дувне свеќичките на тортата нашиот театар ќе си замисли една желба, а тоа е да ги слави следните родендени со многу повеќе вработени актери, режисери, драматурзи, техничка екипа и да се слави во една поинаква атмосфера, во една нова зграда, во еден нов театар – изјави Стаматовски.

Пред 11 години, на денешен ден беше одиграна првата претстава од Народниот театар Охрид, „Метаморфози“ во режија на Андреј Цветаноски. До денес на матичната сцена театарот одиграл 400 претстави кои ги погледнале 39 000 посетители.

Охридски народен театар

За релативно млад театар, кој игра во сала со капацитет од 150 души и која ја задеси пауза поради пандемија од две години бројките се скромни, но значајни. До денес изиграни се 35 премиери од еминентни режисери, 67 гостувања на театарот, 5 награди на фестивали, меѓу кои и реномираните Војдан Чернодрински и Ристо Шишков.

Во идејата, основањето како аматерски театар и неговото возобновување по 50 години како професионален театар се вткаени иницијативите и напорите на многу луѓе на кои денеска на прес конференција актерите им изразија благодарност.

Тие искажаа и задоволство од дадената можност да бидат дел од Охридскиот народен театар.

Овај ден се надевам ќе внесе среќа и радост во срцата не само наши на асамблот туку и во срцата на сите охриѓани, нашата публика. Овој празник е наш заеднички и се надевам долги години ќе го славиме – кажа актерот Никола Тодороски.

Мене Охридскиот народен театар ми донесе многу среќни моменти во мојот живот. Единствено во моментов ми е жал што не се сите присутни туку само еден мал дел од екипата. Не се присутни повозрасните колеги едни од основополжниците, но како и да е, овој театар е отворен и потребни му се нови, млади луѓе кои ќе започнат токму тука на сцената во Охрид – кажа актерката Адријана Билаловиќ Тодороска.

Јас сум една од последните вработени во овој млад прекрасен ансамбл и не потекнувам од Охрид, но го засакав како свој втор дом. Навистина сум среќна што работам во ваков театар затоа што сите имаме можност многу да твориме, да се развиваме, да се сплотуваме, да се изградиме како ансамбл. Тоа што сме малку и не е така лошо затоа што сите добиваме можност да работиме и да градиме улоги – кажа актерката Елизабета Стефановска.

Ја сакаме оваа сцена, ја сакаме секоја прашинка на неа и немирно како деца чекаме да се запалат рефлекторите. Театарот е вечен нека е вечен и охридскиот – вели во пишана порака Филип Кипровски кој беше оправдано отсутен.

Охридски народен театар

Најновиот проект на кој работи Охридскиот народен театар е претставата „Секс, лаги и љубомора“ во режија на Коле Ангеловски. Оваа комедија премиерно ќе биде изведена во средината на јули.

А вечерва, по повод 11-от роденден, од 20 часот на малата сцена во Центарот за култура ќе ја изведат претставата „Енергични луѓе“ од Василиј Шукшин, во режија на Александар Ивановски.