Велосипедот, практична еко опција
Повеќе од било кога велосипедот како превозно средство се наметнува како неопходен начин за учество во сообраќајот. Растот на цените на енергенсите, зголемената фрекфентност на сообраќајот, убавото време, но и здравиот начин на живот, се едни од клучните причини зошто треба да се избере велосипед како превозно срество.
Истражувањата покажуваат дека на растојание до 5 километри во урбана средина, велосипедот е доминантно превозно средство во однос на автомобилот. Тоа е така бидејќи побрзо и побезбедно се пристигнува на саканата дестинација, а и паркирањето е и полесно и бесплатно, велат од републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Со користењето на велосипедот како сообраќајно превозно средство се заштедуваат финансиски средства кои би се давале за гориво. Исто така, купувањето велосипед е далеку поевтина опција отколку купувањето автомобил.
Велосипедистите се рамноправни учесници во сообраќајот и треба да се почитуваат како и останатите моторизирани и немоторизирани учесници во сообраќајот. Но, и велосипедистите се должни да внимаваат на останатите учесници во сообраќајот. Секоја година десеттина велосипедисти го губат животот во сообраќајни незгоди. Затоа, бидете одговорни велосипедисти и почитувајте ги сообраќајните правила и прописи, апелираат од РСБСП.