Една недела била доволна за создавање на мурал на инклузивноста во кој едно љубопитно девојче и водата го претставуваат прифаќањето на различностите и емпатијата.
Насликан на училиштето „Григор Прличев“-Охрид, на површина од 21 квадратен метар од авторот, уметник Трајче Павлов кој пак се инспирирал од Охридското езеро и водата како елемент.

„Едно девојче загазува во вода со желба да истражи и открие дали е ладна, длабока, убава и слично. Така гледам и на инклузијата и на емпатијата со различните од нас, со луѓето кои секојдневно живеат со предизвици поради нивните посебни потреби. Не секој има сила и желба да влезе во водата. Секако дека ако влезеш ќе се наводениш, но ќе ги видиш нештата и од другата страна. Секој различно гледа на различностите“, потенцира Павлов.
Муралот е симболичен подарок за крајот на учебната година од „Халкбанк“ АД Скопје
Овој мурал на инклузивноста во Охрид е дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој е финансиран од Европската Унија и со кој раководи Фондацијата „Чекор по чекор“.