Целовечерен концерт Етно Ноктурна
Во изложбениот салон на НУЦК ” Глигор Прличев” во Охрид на 15-ти јуни со почеток во 20 часот ќе се одржи целовечерниот концерт “Етно Ноктурна”. Ќе се претстават нашите реномирани музичари Александра Коцевска (мецосопран), Билјана Петровска (пијано) и Петар Колевски (кларинет)
Програмата на овој концерт ќе содржи концертни композиции кои се преработки на изворни македонски фолклорни песни.
Аранжманите за овие композиции – Етно ноктурна се на Сашо Ливрински–Лаврод кој интересно ги претставува македонските изворни песни во една класична верзија меѓу кои се преработките на песните „Македонско девојче“, „Ај засвирете ми чалгии“, „Кажи ми кажи Катинке“, „Се посврши сербез Донка“ и други.
Овој настап на триото Коцевска, Петровска, Колевски кои се професори во ДМБУЦ „Илија Николовски–Луј“ и се магистрирани музичари е продолжување на нивната долгогодишна соработка и продолжување на нивната традиција со изведба на ваков тип на композиции да ја однесат публиката на едно музичко патување низ плодната ризница на македонската народна песна.
Тие досега имаат настапувано во повеќе градови низ Македонија, трудејќи се македонската богата фолклорно-музичка традиција да ја овековечат, да ја пренесат до пошироката публика и да ја сочуваат за наредните генерации. Проектот е поддржан од Министерството за култура.
Влезот за посетителите ќе биде слободен.