Узурпиран тротоар, бучава и метеж на ул. Никола Карев
Во склоп на рубриката „Ти си твојот град“ ни пристигнаа слики од граѓани на Охрид кои се жалат на узурпирани тротоари пред нивната зграда, бучава и голем метеж на нивната улица. Ова е нивниот коментар:
Имаме проблем со узурпирани тротоари од страна на карго комбиња со пакети на улица, паркирани автомобили на тротоар, на пешачки премин не може да се помине нити пешки, нити со количка. Сите жители на ул. „Никола Карев“ кај музичкото училиште се соочуваме со неподнослива гужва и бучава. Многу пати сме реагирале до МВР, доаѓаат, опоменуваат и си заминуваат и после 10 минути пак истиот проблем. Вака изгледа секој ден веќе 1 година, влезот од нашата зграда е постојано блокиран, количките за деца ги креваме во раце за да поминиме да стигниме дома. На реакција на наш сосед дека нема место да се помине по тротоар, сопственикот на каргото дрско одговори дека не сме морале да поминуваме оттука бидејќи тоа е негово место – велат станарите на зграда бр. 5 на ул. „Никола Карев“.
Додаваат дека дополнителен проблем е и маркетот „Стокомак“, кој придонесува за непрописно паркирање, бидејќи истиот добил дозвола за работа без паркинг.
Апелираат до надлежните во најскоро време да се реши нивниот проблем.