Прекин на војната, е пораката на научната фела
Научната фела бара начин за помирување и прекин на војната во Украина. Експертите сметаат дека во воениот конфликт меѓу Русија и Украина има повеќе религиски елементи. Тие уште на Првата Европска конференција за религии во 2019 година, предвидоа дека следна е Руско -Украинска криза, која не е само економска и политичка, туку етничка и религиозна.
„Да ја видиме улогата на религијата во градење на мирот, дали може религијата да помогне во градење на мирот. Според мене, војната во Украина е битка за Бога, таа има религиски елементи дефинитивно, но сега ние се обидуваме да го пронајдеме начинот и патот до помирување на Исламот и христијанството“ – изјави Зоран Матевски, директор на Центарот за Интеркултурни истражувања и студии.
Професори од Украина и Русија деновиве во Струга заедно со научници од цела Европа дебатираат како религијата да биде фактор за мир.
„Ние добивме 12 професори од Украина. Успеавме преку Украинската амбасада да ги донесеме. Ние сме солидарни, не плаќаат ништо. Сите тие ќе зборуваат за конфликтот во Украина и она се што се случува со Русија. Ќе се судриме, имаме претставници и од Русија“ – вели Матевски.
Професорите со своите научни трудови, ќе се обидат да изнајдат решенија преку идеи и пораки кои ќе им ги понудат на политичката елита, да придонесат за крај на крвавиот конфликт во Украина.
Новинар Соња Рилковска