Јавниот сектор од утре на генерален штрајк
Сојузот на синдикати на Македонија за утре најави генерален штрајк во јавниот сектор бидејќи, како што нагласуваат оттаму, не се исполнети нивните барања за линеарно зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2.806 денари и враќање на правото за регрес за годишен одмор од 2023 година.
На седница на Комисијата за финансирање и буџет вчера не помина амандманот на ССМ на ребалансот на Буџетот со кој требаше да се обезбедат средства за линеарно покачување на платите.
Работниците беа сведоци на срамно однесување на пратениците од владејачкото мнозинство членови на Комисијата за финансирање и буџет кои најостро се спротиставија на предлог-амандманот на ССМ кој предвидуваше средства во буџетот за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2806 денари – велат од ССМ.
Не е добро, додаваат од Синдикатот, да не си на страната на работниците, кои воедно се и гласачи.
Гласот против работниците е уште еден глас против политичката партија која ја претставуваш и уште еден глас за генерален штрајк кој поради овие седум пратеници од владеачкото мнозинство започнува утре, потенцираат од ССМ. Денеска работниците ве молеа, утре ќе ги молите, се вели во соопштението од ССМ по неприфаќањето на нивниот амандман.
Од ССМ појаснуваат дека согласно правилата за време на генералниот штрајк ќе обезбедат расположив капацитет од 10 проценти од вработените во овој сектор.
Штрајкувачкиот одбор – Претседателството на ССМ на седница што се одржа на 17 јуни утврди правила за производно одржувачки и нужни работи кои не смеат да се прекинуваат за време на штрајк.
ССМ, нагласуваат оттаму, имајќи предвид дека води сметка и во сложени услови на генерален штрајк да бидат запазени правилата со цел за вршење на работите кои се неопходно потребни заради спречување на загрозување на животот, личната сигурност или здравјето на граѓаните (нужни работи), на денешната седница, Штрајкувачкиот одбор – Претседателството на ССМ утврди правила за производно одржувачки и нужни работи кои не смеат да се прекинуваат за време на штрајк.
Според ССМ, минимум од процесот на работа за овозможување обновување на работата по завршување на штрајкот (производно одржувачки работи), односно со цел за вршење на работите кои се неопходно потребни заради спречување на загрозување на животот, личната сигурност или здравјето на граѓаните (нужни работи) се:
-за извршување на административно технички работи со расположлив капацитет од 10 проценти од вработените во јавен сектор-заради спречување на загрозување на животот со 10 проценти од вработените во јавниот сектор и кои ракуваат со механизацијата и основните средства -заради спречување на загрозување на личната сигурност со 10 проценти од вработените во јавниот сектор и кои ракуваат со механизацијата и основните средства -заради спречување на загрозување на здравјето на граѓаните со 10 проценти од вработените во јавниот сектор и кои ракуваат со основни средства минимум непречено извршување на функциите за да не се попречуваат итните постапки.
Вработените во јавен сектор покрај тоа што ќе штрајкуваат со прекин на работниот процес на своите работни места во работно време, видливо од 10 до 11 часот ќе застанат и надвор пред просториите на работодавачот.
Правилата за работите кои не смеат да се прекинат за време на штрајк се однесуваат за цел јавен сектор, а вработените во јавниот сектор да се придржуваат кон вака утврдените правила. Штрајкувачкиот одбор – Претседателството на ССМ е во постојано заседавање и за сите промени навремено ќе информира – велат од ССМ.
Највисоките тела на ССМ на 3 јуни донесоа Одлука за генерален штрајк за 22 јуни, ако дотогаш не бидат исполнети нивните барања.
Откако по презентирањето на ребалансот на Буџетот видоа дека не се планирани средства за нивното барање за линеарно зголемување на платите во јавниот сектор како што им било ветено за време на преговорите, ССМ бараше средба со премиерот, вицепремиерот за економски прашања и со министрите за финансии и за труд и социјална политика, но ни на таа средба не беше постигнат договор.
Извор/МакПрес