Ќе има ли етнички делби во „Нико Нестор“?
Пред стартот на новата учебна година, повторно актуелно ова прашање.
Ќе има ли повторно етнички делби во средното училиште „Нико Нестор“ во Струга? Ова прашање повторно ја разбранува струшката јавност.
Очекувањата на Локалната самопуправа од Струга се дека новата учебна година во стручното училиште ќе ги зближи учениците Албанци и Македонци.
„На кој начин од септември ќе се реализира наставата во „Нико Нестор“ – тема на која вчера подолго време се дискутираше во Струга. Министерот за образование и наука Никола Тодоров се сретна со градоначалникот на Струга, директорот на училиштетото и претставници од истото. Иако сеуште неофицијално, се чини дека начелно е договорено како учениците ќе ја следат наставата од септември, велат претставниците од општина Струга.
„Нема да има делби. Наставата ќе се одржува во мешан состав“-вели раководителот на одделението за образование, Џејми Хајредини.
Според него, најверојатно смените ќе бидат направени по струки, на пример медицинарите со медицинари, а не како досега учениците од прва и трета година во една смена а оние од втора и четврта во друга. Организацијата за смените ќе им ја оставиме на раководните лица, вели Хајредини.Од друга страна пак, од училиштето „Нико Нестор“ велат дека сеуште ништо не е дефинирано. Деновиве интензивно ќе се оджувале средби со родителите, па на тој начин ќе одлучеле како да ја организираат наставата, информираат од таму. Додаваат оти ставот на родителите ќе биде приоритет.
Од Локалната самоуправа од Струга додаваат дека ќе поддржат секакво решение кое нема да им наштети на инволвираните страни. Убедени се дека повеќе нема да се повторат лошите сценарија кои се случуваа во изминатиов период во средношколскиот центар.
За разлика од „Нико Нестор“, во гимназијата „Др.Ибрахим Темо“ немаат главоболки пред почетокот на учебната година, барем што се однесува до смените. Од таму најавуваат дека наставата ќе се одржува како и досега, во мешан состав. „Нема да има делби по етнички основ, бидејќи ние како училиште вака одлично функциониравме“ вели директорот Муса Мусаи.