Четврт Меѓународен хорски фестивал „Гласот на Охрид“
По четврти пат, во среда, 29-ти јуни, ќе се одржи Меѓународниот хорски фестивал „Гласот на Охрид“ организиран од охридскиот градски хор „Вокс Лихнидос“.
И овој пат со репертоарот ќе ja промовираат домашната и светска хорска традиција. Премиерно ќе изведат современа композиција со фолклорни елементи од охридскиот композитор Гоце Гавриловски, влашка песна заедно со детскиот мултиетнички хор, турска народна песна и стара андалузиска песна. Премиерна изведба на обработка на композиција од Тоше Проески ќе има и охридскиот саксофонист Горан Папаз со вокална придружба на хорот.
Покрај домаќините, ќе гостува машкиот хор при естонската национална опера, мешаниот хор при КУД „Светозар Марковиќ“ од Нови Сад, хорот „Атендите“ при Културниот центар Кикинда од Србија, детскиот хор „Св.Кирил и Методиј“ од Велес и младинскиот женски хор при МКЦ од Скопје.
Фестивалот ќе се одржи во катедралната црква „Св.Софија“, почетокот е во 20:00 часот, а влезот ќе биде слободен. Охрискиот градски хор во 2020 година одбележа 55 години од постоењето, од 2015 година го носи името „Вокс Лихнидос“ и е успешно предводен од диригентот Бурим Хидри.