Културно лето во знакот на четворката
Интересна програма исполнета со седум алтернативни културно забавни настани за четвртото по ред културно лето во Охрид.
Официјалната програма за оваа година вклучува велосипедски и скејтборд еко забави, едриличарска регата, летно кино со автомобили, музички изведби на повеќе млади музичари, а исто така и легендарниот настан на староградска пловидба „Ој љубов, љубов“ со ансамбл Билјана од Охрид. Покрај официјално најавените настани, ќе има и офф програма која ќе биде објавена дополнително.

„Четири години веќе со уникатни настани и доживувања за граѓаните, за охриѓани, за гости од земјата, но и странци, кои за жал се помалце ги имавме претходните две годни поради ситуацијата со пандемијата, но оваа година се надеваме дека ситуацијата е променета и дека ќе биде многу поразлично, настаните ќе бидат по посетени“ – вели Јован Цветкоски, од културолошка иницијатива 5 до 12.
Фокусот на годинешново издание ќе биде ставен на ментално здравје, себеизразување, исполнетост и креативност.

„Целата програма е насловена „Во знакот на четврката“, а заради пандемијава повеќе фокус е ставен на менталното здравје и себеизразувањето, а на овие работи во последно време постои дефокус и заради тоа ова лето се фокусираме на креативност, на менталното здравје, исполнетоста и себеизразувањето“ – информира Христијан Томевски, од КИ -5 до 12.
Оваа иницијатива претставува културна платформа која ги привлекува младите талентирани охриѓани кои пркосат на кич и турбофолк и сакаат да допринесат во создавање на здрави културни вредности.

„Можам слободно да кажам дека има доста заинтересираност за млади луѓе што сакаат да волонтираат во нашата организација, има пријавени околу 50 млади луѓе кои сакаат да помогнат на било кој начин во оваа иницијатива“ – потенцира Димитар Поп-Стефанија од КИ – 5 до 12.
Четвртото по ред алтернативно културно-забавно лето на „Културолошка иницијатива 5 до 12“ ќе започне на 1 јули, а во најавените настани ќе можеме да уживаме до крајот на август.