ППЕ на Охрид и Струга добија опрема за спасување
ППЕ на Охрид и Струга денеска добија опрема за спасување во случаи на урнатини и тешки сообраќајни несреќи и пумпи и агрегати за спасување од поплави. Со оваа донација Дирекцијата за заштита и спасување има за цел да го зајакне капацитетот на територијалните противпожарни единици на градовите за полесно справување со елементарни непогоди и други несреќни случаи. Донацијата беше предадена во Охрид од директорот на Дирекцијата Беким Максути, во присуство на градоначалниците на Охрид и Струга, Кирил Пецаков и Рамиз Мерко.
„ДЗС ќе продолжи да помага и да инвестира во реазлични области кои што ги засегаат општините, посебно овој регион ни е битен, затоа што веќе имаме проект со Општина Струга и Општина Либражд, кој е прекуграничен преку Ипа фондови и сме во добра кондиција, ќе имаме продолжување на истиот, а ќе го прошириме и со Општина Охрид па се до Св.Наум за да може и крајбрежјето на Охридско езеро да биде покриено и заштитено од пожари и елементарни непогоди.“ – кажа Максути.
Јавна благодарност до ДЗС упати командирот на ТППЕ Охрид, Борко Јанкулоски посочувајќи дека секое подобрување на опременоста на единицата значи и поефикасно справување со предизвиците посебно во летниот период.
„Знаеме дека Охрид не е ист зимски и летен период кога имаме зголемена фрекефнција на туристи, возила, чести сообраќајни незгоди. Секако овој тип на опрема дополнително ќе допринесе Охрид да биде побезбедно место за живеење како за самите граѓани на Охрид така и за туристите. Се надеваме во иднина на помош од Општината и од Дирекцијата за заштита и спасување со цел да заличиме на европска пожарна “ – посочи командирот на ТППЕ Охрид, Борко Јанкулоски.
Командирот посочи дека покрај подобрување на техничката опременост потребено е и засилување на човечкиот ресурс. На територија која ја покрива ППЕ Охрид вклучително и територијата на Дебрца, во моментов има потреба од уште најмалку 7 пожарникари. А постојан проблем е возниот парк. Најстарото возило на ППЕ Охрид е од 1983, а најновото е 2008 година. Општина Охрид во изминатиот период започна со вложување во оспособување на возила кои не функционирале претходно и тоа ќе продолжи и во наредната година, истакна Градоначалникот Пецаков.
„Оваа донација секако дека за Охрид и Струга е значајна затоа што станува збор за градови кои се близу и кои често си помагаат за поголемите настани, така што верувам и убеден сум дека ова ќе ја зголеми ефикасноста на двете ППЕ и сметам дека во иднина треба многу повеќе да вложуваме за да имаме максимално спремни ППЕ кои ќе можат во истиот момент да реагираат.“– кажа Пецаков.
Првиот човек на ДЗС и градоначалникот Пецаков разговарале и за вложување во набавка на заштитна облека и опрема за гаснење на шумски пожари. Тие најавија дека до крајот на септември Охрид ќе добие противпожарно возило за тешко пристапни предели како што се стариот дел од градот и Трпејца.