Самостојна изложба на уметникот Славко Упевче
Раскошна галерија на благордоните муренки од Радожда, создавана 20 години претстави пред охридската јавност академскиот сликар Славко Упевче.
Самостојната изложба „Муренките црници во изумирање во Радожда“ поставена во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид претставува носталгичен запис за минатото во кое во изобилство на охридското крајбрежје ги имало овие дрва со величествени стебла и крошни, а кои денес за жал се во изумирање.
Муренката како мотив на оваа изложба е поради фактот што пополека, сиве овие години, муренката како растение исчезнува во Радожда, а можеби и во другите делови на Македонија. Муренката порано имала свој пиетет. Староседелците на Радожда, ги негувале овие дрва со тоа што ги потпирале знаејќи дека нивните гранки се многу крути и при ветар и невреме паѓаат заедно со плодот. Меѓутоа новите генерации немаат чувство за негување на овие дрва како што е случајот со охридскиот Чинар кој со години беше запоставен – вели уметникот Славко Упевче.
На изложбата се поставени 32 дела во повеќе ликовни техники (сув пастел, акварел, туш и масло на платно). „Славко Упевче виталноста на муренките ја слика и црта речеси половина век, оставајќи во наследство едно волшебно богатство за нивниот изгубен мит. Преширок е духот на сликарот уметник, роден во овој крај, да го побара, да го пронајде и да го визуелизира епското, митското, духовното, но и лирското во нив“, ќе рече поетот Славе Ѓорѓо Димоски за овие дела.
Секое дело е посебна инспирација. Кога сум престојувал во Радожда, дел од таа визура ме импресионирала и ми оставила да ја дообработам во моето ателје – вели Упевче.
Изложбата „Муренките црници во изумирање во Радожда“ е придружна манифестација на отворањето на Балканскиот фестивал на народни песни и игри од Охрид. Таа е поддржана од Министерството за култура како проект од национален интерес во културата за 2022 година од областа на визуелните уметности.
Љубителите на уметноста ќе имаат можност да ја погледат изложбата до 21-ви јули.