Македонец предизвикал тешка сообраќајка во Србија
Припадници на МВР во Лесковац ќе поднесат кривична пријава против 26-годишен државјанин на Македонија поради сомнение дека сторил кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај, соопштуваат српските медиуми.
Како што се сомневаат, младиот маж од Македонија на автопатот кај Мала Копашница управувајќи „пасат“ се судрил со камион поради несоодветна брзина, пренесе „Танјуг“.
Во таа прилика тој и уште тројца сопатници во двете возила се повредени – соопшти СВР Лесковац.
Потоа, по пристигнувањето на екипата на Брзата помош, дошло до нова сообраќајна несреќа, кога белграѓанин управувајќи „туксон“ удрил во задниот дел на амбулантната кола, исто така поради несоодветна брзина.
Во таа сообраќајна несреќа три лица се здобиле со полесни повреди.
Сите повредени од двете сообраќајни несреќи се пренесени и укажана им е помош во Општата болница во Лесковац.