Плажи со пристапни рампи за инвалиди
Две охридски плажи добија пристапни рампи за лица со инвалидитет. Во АК „Љубаништа“ и Горица 3 се првите плажи каде што лицата со инвалидитет ќе имаат пристапни рампи. Со ова повиците за да им се обезбеди на овие лица пристап до езерските води станува реалност после многу години. Локалната самоуправа дава поддршка на лицата со ретки болести, обезбедува простории и финансиска поддршка на здруженијата на лицата со инвалидитет, со аутизам, а ќе продолжиме и понатака да им обезбедуваме услови за олеснување на животот, истакна градоначалникот Кирил Пецаков. Тој изрази надеж дека овој пример ќе го следат и останатите хотелиери и ќе се приклучат во обезбедување на услови за пристап на лицата со инвaлидитет.
„ Ова е почеток, рампите ќе ги поставиме на овие две плажи, а ќе продолжиме и на трета. Планираме вкупно да поставиме пристапни монтажни рампи на пет плажи. Покрај, пристапните плажи ќе има и електрична количка која ќе ги вози до рампата, а ќе поставиме и тоалети за инвалидизираните лица“, кажа Пецаков.
Пристапните рампи ги обезбеди НВО „СОС Балкан медија“ со поддршка на охридксат компанија „ Отпад“ од Охрид. Од невладината најавуваат и други проекти со помош на Локалната самоуправа.
„Со локалната самоуправа подготвуваме проект за поставување пристапна патека за лица со оштетен слух и вид. Поставување на специјални звучни и светлечки плочки од пристаништето до влезот на чаршијата. Потребно е државата да се грижи за овие лица бидејќи Министерството за транспорт и врски стопанисува со плажите и крајбрежјето. Локалната самоуправа и невладините организации треба да придонесуваат за грижа кон овие лица“, порача Денесоски.
За прв пат, за потребите на лицата со посебни потреби слух покажуваат концесионерите на АК Љубаништа. Со реализација на други можности се обидуваат да им создадат подобри услови на лицата со инвалидите следејќи ги светските примери.
„Како туристички субјект водиме грижа за лицата со посебни потреби затоа што и тие се наши гости. Покрај рампите кои веќе ги имаме, ние ги приспособивме приодите и до тоалетите, до маркетите, рецепција и рестораните се со цел да им овозможиме непречено уживање во летниот одмор“, напоменува Никола Бакалоски,концесионер на АК Љубаништа.
Монтажните пристапни рампи ќе бидат доделени во сопственост на ЈП Охридски Комуналец. Рампите ќе ги поставуваат за време на летната сезона по чие завршување ќе бидат одстранувани.