Дефект ги секна славините во Дебрца
Без вода за пиење останаа жителите на неколку села од Долна Дебрца.
Во попладневните часови дефект на пумпната станица кај Св. Еразмо ги секна славините на чешмите во Подмоље, Оровник, Горенци и на охридскиот Аеродром, информира Ангел Секулоски, портпарол на општина Дебрца.
Првичните информации беа дека има поголем дефект на електричната табла кај пумпната станица, но по детално утврдување на стручните служби на ЈП „Комуналец“ детектираа дека станува збор за помал дефект. Исклучена е една од фазите на доводната пумпа која е во надлежност на ЕВН. Нивните екипи се на терен и се очекува до крајот на работниот ден да се стави во функција пумпата и да се нормализира водоснабдувањето – информира Ангел Секулоски, од општина Дебрца.
Од општина Дебрца смируваат дека водоснабдувањето ќе се нормализира. Жителите да не стравуваат дека ќе се повтори долгогодишниот проблем кој го имаа со недосток од вода за пиење во летните месеци. Водоснабдувањето за жителите од овој регион се подобри, кога минатата година, општина Охрид го изгради резерворот за вода во селото Подмоље, напоменува Секулоски.
Во овој период од годината знае да е најкритично во водоснабдувањето. Но, од кога е ставена во функција новата пумпна станица во Требеништа нема сериозни поплаки од жителите. Како општина размислуваме за уште една бушотина која би била резервна опција во летниот период. Се планира бушотината да биде во Требеништа бидејќи анализите покажуваат на висока издашност на вода. Со тоа трајно би се решил проблемот со водоснабдувањето во Дебрца – укажува Секулоски.
Од општина Дебрца апелираат до жителите да нема злоупотреби на водата за пиење за наводнување во ноќните часови. Препорачуваат рационално да се користи водата за пиење бидејќи во летниот период е драгоцен ресурс кој треба разумно да се користи.