Skip to main content

Охридско Лето

Звуците на оперските арии на Охридско лето

Оркестарот на операта на Српскиот Народен Театар – Нови Сад, Србија, со Марија Јелиќ – сопран, Србија и Диригентот Луис Горелик, Аргентина, вечерва во 21 часот на сцената Долни Сарај ќе одржи концерт.
 |  Голабовски Крсте  | 
оркестар

Оркестарот на операта на Српскиот Народен Театар – Нови Сад, Србија, со Марија Јелиќ – сопран, Србија и Диригентот Луис Горелик, Аргентина, вечерва во 21 часот на сцената Долни Сарај ќе одржи концерт.

Оркестарот на операта на Српскиот народен театар во Нови Сад е основан на 16 ноември 1947 година и оттогаш е главен чинител на секоја оперска изведба.

Високото професионално ниво на ансамблот се постигнува со постојана професионална надградба на неговите членови преку учеството во други оркестри како Симфонискиот оркестар на Војводина, разни ансамбли на Радио и ТВ Војводина, Камерниот оркестар од Нови Сад, Музичкото училиште „Исидор Бајиќ“, а дел од музичарите учествуваат и во оркестарските проекти на Музичката академија во Нови Сад. Денес оркестарот на операта брои 75 музичари, а заедно со хорот и солистите на операта изведува дела од „железниот“ оперски репертоар, но и мјузикли, оперети, хорска музика, како и симфониски концерти. Во изминатите неколку сезони на сцената на Операта во Нови Сад се изведени следните наслови: „Волшебната флејта“ од Моцарт, „Травијата“, „Набуко“ и „Трубадур“ од Верди, потоа „Тоска“, „Мадам Батерфлај“ од Пучини, „Кармина Бурана“ од Карл Орф, „Севилскиот берберин“ и „Пепелашка“ од Росини, „Љубовен напиток“ од Доницети, „Гркот Зорба“ од Теодоракис, „Принцеза на чардашот“ од Имре Калман, како и дела од српската музичка ризница: „Принцот Иво од Семберија“ од Исидор Бајиќ, „Владимир и Косара“ од С. Дивјаковиќ и др.

Марија Јелиќ-сопран

Сопранот Марија Јелиќ е родена во Белград и кариерата ја започнува како член на оперското студио во Националниот театар во Белград каде настапува во епизодни и главни улоги. Нејзините настапи во оваа куќа ги вклучуваат улогите на Мими во „Боеми“, Микаела во „Кармен“, Елизабета во „Дон Карлос“ како и главната ролја во „Аида“. На концертната сцена настапува со оркестарот „Станислав Бинички“ во Белград, а настапува и на значајни фестивали во регионот како „Белградскиот летен фестивал“, „Охридско лето“, летниот фестивал во Љубљана, но и на оперскиот фестивал во Ерусалим. На турнејата во Кина со Симфонискиот оркестар на Санкт Петербург остварува десет концерти под диригентската палка на Дарел Анг. Во операта во Нови Сад дебитира во улогата на Мими во „Боеми“ и настапува како Аида, додека пак во Хрватскиот национален театар во Осијек настапува како Микаела. Во Москва настапува со Гувернерскиот оркестар на Бријанск, а во Санкт Петербург со Државниот симфониски оркестар од овој град. Настапува и во Бријанск, а во бугарскиот град Пловдив во операта ја пее улогата на Елизабета во „Дон Карлос“ и е еден од солистите во изведбата на Бетовеновата Деветта симфонија на Оперскиот фестивал во овој град. Во 2021 година, Марија Јелиќ е Микаела во „Кармен“ во ко-продукцискиот проект на летните фестивали во Белград и Љубљана каде сцената ја дели со Елина Гаранча, Џонатан Тетелман, Костас Сморгинас под диригентската палка на Карел-Марк Шишон. Во Белград настапува со Пласидо Доминго на гала концерт, а истата година во Хрватска настапува со Симфонискиот оркестар на Дубровник со светски познатиот диригент и тенор Хозе Кура. Серијата успешни настапи во 2021 година ја заокружува со гала оперскиот концерт во Националната опера во Баку, Азербејџан и со солистичкиот настап во престижниот Карнеги Хол во Њујорк во пијано придружба на Антони Маноли.

Луис Горелик-диригент

Роден во Ла Плата (Аргентина) во 1963 година, на само 22-годишна возраст, диригентот Луис Горелик е назначен за шеф-диригент на Филхармонискиот оркестар во Мендоза. Во 1991 станува постојан диригент на симфонискиот оркестар во Хаифа, Израел, а само една година подоцна е поканет да диригира со престижната Израелска филхармонија. Бил шеф диригент на „Ашдод“ камерниот оркестар (1995-1999), Симфонискиот оркестар во Консепсион во Чиле (2000-2006), Симфонискиот оркестар во Салта (2007-2010). Луис Горелик станува шеф-диригент на Аргентинскиот национален оркестар (2016-2018), а моментно, 13 сезона е музички директор на Симфонискиот оркестар „Ентре Риос“.

По завршувањето на студиите во класата на Менди Родан на Академијата „Рубин“ во Ерусалим, Луис Горелик е чест гостин на повеќе оркестри ширум светот вклучувајќи ја Израелската филхармонија, Словенечката филхармонија, Оркестарот на Словенечката опера, Исландската филхармонија, Филхармонијата на Буенос Аирес, Оркестарот на РТС во Србија, оркестарот на театарот „Колон“, националните филхармонии во Македонија, Чиле, Мексико, Колумбија, Куба, Бразил и многу други. На светските оперски сцени диригира мноштво оперски продукции, се профилира и како балетски диригент настапувајќи со познатиот „Бежар“ Балет во Лозана, а диригира балети и во Гдањск и Театарот „Колон“ во Аргентина. Со симфонискиот оркестар во Салта реализира две цд-а за Сони Мјузик со најпопуларните дела од аргентинската класична музика. Добитник е на награда од Претседателот на Чиле, како и на наградата „Конекс“ за најдобар диригент на деценијата во Аргентина. Педагошката активност ја реализира како професор по оркестарско диригирање на Националниот универзитет за уметности во Буенос Аирес.

Програма:

Х. Берлиоз: „Летни ноќи“ H 81

Villanelle

Le spectre de la rose

Sur les lagunes: Lamento

Absence

Au cimitière: clair de lune

L’île inconnue: barcarolle

Р. Шчедрин: „Кармен“ свита за гудачки оркестар и удиралки