Традиционално, утре по повод 2ри август започнува 43тото издание на Илинденскиот пливачки маратон.
Патеката на годинешното издание вообичаено ќе се одвива со старт од поранешниот хотел Парк кај плажата Горица а завршува на градското пристаниште, поточно кај хотелот Нова Ревиера. На овој маратон ќе учествуваат повеќе учесници како од земјава така и од странство, а

организатор на маратонот е пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“.
„Маратонот ќе се одвива на 2,5 километри, вкупно се пријавени 44 пливачи, од кои 29 се мажи а 15 жени.Ќе бидат поделени во две категории, првата категорија е до до 16 години а втората од 17 до 35 години. За регуларноста на трката ангажирани се 10 судии.“, вели Проф. Катерина Стојаноска – тренер во „Охридски бранови 2008“.
Дополнително за безбедноста на учесниците на малиот илинденски маратонот ќе се грижи Црвен Крст Охрид. Маратонот е под покровителство на Општина Охрид, која долги години го поддржува овој настан.
„Ќе продолжиме да го поддржуваме, секако заедничко со некои други работи кои што оваа година ги направивме како локална самоуправа, а поврзано со пливањето.Се надеваме дека во наредните години ќе учествуваме уште повеќе кога ќе го добиеме и затворениот базен, во градењето на спортски личности кои што ќе постигнуваат врвни резултати во пливањето.“, истакна градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Во Охрид како туристички град кој има езеро треба да се инвестира токму во овој спорт, затоа што праксата и минатото покажаа дека многу големи имиња излегле во овој спорт и се надеваме дека во наредниот период со соодветна инфраструктура и соодветни вложувања тоа ќе биде достигнато, кажа градоначалникот Пецаков.
Маратонот започнува во 10:00 часот во категорија мажи и 10:30 во категорија жени.