Skip to main content

Интензивни контроли

Казни за пукање на семејни веселби

И пиротехниката и огнометите задолжително треба да се пријават во полиција. За сите кои не го почитуваат законот ќе следат казни.
 |  инфодеск  | 
Пукање пиштол

Пукање со пиштоли и пушки е честа појава на свадбените веселби во струшко. Во екот на летото голем број иселеници од дијаспората се враќаат во родниот крај и масовно организираат семејни веселби, свадби крштевки, сунети, родендени.

Најкритично е во струшките села, каде забележително е неовластено користење оружје, пукотници и огномети, со што се нарушува јавниот ред и мир и се загрозува безбедноста на граѓаните.

Од струшката полиција апелираат славениците да се воздржат од вакви активности. Најавуваат интензивни контроли на терен за превенција и санкции.

Апелираме до сите граѓани кои имаат ваква намера да се откажат да не предизвикуваат опасност по учесниците на семејните веселби. Семејните веселби да ги прослават без оружје, а секоја останата пиротехника која сакаат да ја употребат да ја пријават во СВР Охрид – изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

И пиротехниката и огнометите задолжително треба да се пријават во полиција. За сите кои не го почитуваат законот ќе следат казни.

Појавата на неовластено пукање со огнено оружје се третира и преку кривичниот законик според којшто оние лица коишто вршат вакви нелегални активности предизвикуваат општа опасност и согласно кривичниот законик казнената одредба изнесува од 1 до 5 години затвор – додава Димоски.

Пукањето е спротивно на Законот за прекршоци, а паричната глоба се движи од 200 до 500 евра. Зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело за кое е предвидена и казна затвор од една до пет години. Низ годините наназад имало повеќе случаи на повредени славеници од оружје во струшко.

Новинар : Соња Рилковска

Извор/ОхридНет