Цените нови, такси услугата по старо
Охридските таксисти не возат на пократки дестинации и ова лето, прво прашуваат „до каде“ па потоа одбиваат патници, дремат на постојка и велат дека не се слободни освен ако барате превоз до некоја плажа, ниска хигиена, груб однос со клиентите, скапа услуга. Ова се само дел од забелешките за такси превозот кои ги посочија граѓаните во Анкетата која ја спроведе ТВМ.
65 % од анкетираните одговориле дека генерално не се задоволни од такси превозот во Охрид, 20 % дека се многу незадоволни, а само 14 % се задоволни од такси услугите.
43 % од анкетираните одговориле дека често имаат потреба да користат такси превоз, но дури 64 % се изјасниле дека притоа имале непријатно искуство.
На прашањето која појава при користење такси услуга им се случила, најголем број од анкетираните граѓани посочиле дека таксистот одбил да ги вози, ниско ниво на хигиена на возилото, таксистот не вклучил таксиметар и дека им било наплатено повеќе од вообичаено за одредена дестинација.
Со чест на исклучоци, ваквото однесување на поголем дел од таксистите е редовна појава во сезона.
На 18-ти април на 10-тата Седница на Совет, со изменување и дополнување на одлуката за авто такси превоз на патници во општина Охрид советот позитивно одговори на барањето на такси компаниите за поскапување на услугата, но притоа и советниците и Градоначалникот Кирил Пецаков побараа од таксистите да го подигнат нивото на услугите и односот кон граѓаните.
Градоначалникот најави засилена инспекциска контрола на такси превозот, посебно во текот на главната туристичка сезона. Порача дека доколку такси компаниите не се придржуваат до прописите казните ќе бидат ригорозни.
Поскапе такси превозот во Охрид
Градоначалникот најави поставување информативни табли со број на кој незадоволни граѓани и туристи ќе можат да пријавуваат такси превозници. А хаосот со нелиценцирани таксисти ќе се решава со жолтите регистарски таблички со кои ќе бидат означени сите лиценцирани субјекти кои вршат авто такси превоз согласно законските измени.
ТВМ Телевизија Охрид побара информација од локалната самоуправа што од наведеното е спроведено?
-Колку инспекциски контроли се извршени во туристичката сезона, месеците јуни и јули?
-Што е утврдено со инспекциските контроли?
-Колку казни и за кои прекршоци се изречени?
-Дали ( и каде) се поставени најавените табли со информации каде незадоволни граѓани можат да пријавуваат такси превозници?
-Колку барања се поднесени до надлежните служби во Општина Охрид за промена на изводот од лиценца за вршење на авто такси превоз на патници за добивање регистарска таблица во жолта боја?
За тоа што прави локалната власт во врска со проблемите на охриѓани со јавниот такси превоз, но и имиџот на градот пред туристите во поглед на овие услуги, јавноста нема да добие информација, затоа што од Општина Охрид на овие прашања не планирале да дадат одговор.