Skip to main content

Се пустоши рибниот фонд

Полицијата во битка со незаконитиот риболов

Рибокрадците неуморни и покрај засилените полициски контроли и натаму го пустошат рибниот фонд. Ендемичните заштитени риби во време на потполна забрана за лов, главни во гастрономската понуда на двата туристички центри.
 |  инфодеск  | 
Риболов

Продолжува битката со незаконитиот риболов на Охридското езеро. Рибокрадците неуморни и покрај засилените полициски контроли и натаму го пустошат рибниот фонд. Забраната за риболов не се почитува, се ловат ендемичните заштитени риби кои се на работ на исчезнување, тие се  продаваат на црниот пазар, а се дел и од гастрономската понуда на двата туристички центри.

Риболов

Во последната акција на полицијата на струшкото крајбрежје, на потегот од реката Сатеска до селото Радожда, беа запленети рибарски мрежи долги 3,5 километри. Во нив беа уловени 700 парчиња ендемична риба.

Пронајдени се и одземени 17 рибарски мрежи во вкупна должина од околу 3400 метри, воедно одземени се близу 700 кг различна риба пред се белвица и пастрмка. Напоменувам дека овие акциски контроли продолжуваат со несмалено темпо на целото крајбрежје – вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Стефан Димоски

Во услови кога Охридското езеро нема концесионер и рибочуварска служба, граѓанскиот сектор апелира инспекциските служби со засилени контроли да се вклучат во заштитата на рибниот фонд во Охридското езеро.

Заштитата на рибниот фонд и полициското работење во однос на казненото дело незаконит риболов и законот за рибарство и аква култура е еден од основните приоритети на полициската станица за граничен надзор Охридско езеро. Во текот на целата година перманентно на различни места на охрiдско и струшко крајбрежје вршат перманентно акциски контроли со цел фаќање на рибокрадци – вели Димоски.

Езерска полиција

СВР Охрид, од почетокот на годинава на крејбрежјето реализира 8 акциски контроли, при што од рибокрадци, одземени се 6 риболовни мрежи. Притоа, поднесени се 2 кривични пријави за сторено казнено дело „незаконит риболов“. 

Новинар : Соња Рилковска