Skip to main content

Заштита на потрошувачите

Kрај на трговските трикови

Законски се прецизираат поимите сезонски попусти и распродажба. Се уредуваат и јавните услуги и продажбата на производи со ист квалитет кај нас со оние во земјите од Европската унија. Во подготовка е усогласување на нашиот закон за заштита на потрошувачите со европскиот.
 |  Валентина Неловска  | 

Се унапредува правото на потрошувачите во земјава. Се менуваат и усогласуваат досега нерегулираните законски директиви со оние од Европската унија. Се прецизираат трговски поими кои досега не биле ставени во Законот, информира Маријана Велкова Лончар, претседател на Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Додава дека потрошувачкото право е мошне динамично и подлежи на измени. Досега за нашите потрошувачи не беа утвредени трговските поими како што се распродажба, акција, промоцијаи сезонски попуст на производи и услуги. Со тоа се оставаше простор за трговски трикови, вели Велкова Лончар.

Распродажба како посебен промет на стоки и услуги е дозволена само кога престанува работењето на трговецот во неговите дотогашни простории, кога ги напушта и оди во други. Не може да се пишува распродажба само туку така. Се прецизира кога е распродажба, кога се попусти, а кога акциска продажба – напоменува Велкова Лончар.

Има пријави од потрошувачите, но не така често, кажува Велкова Лончар. Како еден од поважните на кои реагирале потрошувачите ги посочува сезонските попусти. Сега се ставаат во временска рамка од кога до кога траат сезонските попусти, два пати во годината и тоа во лето, од 15 август до 15 септември и во зима, од 15 декември до 15 јануари, вели Велкова Лончар.

Посочува дека со закон не се уредени јавните услуги и продажбата на производи со ист квалитет кај нас како во земјите од Европската унија.

Со надградбата на Директивата за нечесни пазарни практики и следствено на тоа и законот треба да се усогласи со ова надградување. Да имаме уредба со која кај нас ќе се забрани продавање на производи со послаб квалитет – вели Велкова Лончар.

Законот за заштита на потрошувачите има претрепно 7 измени почнувајќи од 2004 година па досега. При усогласувањата со потрошувачкото право во Европската унија се вградени 18 директиви, а сега се дaдени уште 2 директиви кои се однесуваат на уредување на поимите во трговијата.

Најновите измени се во завршна фаза, а на нив се работи околу 3 години. Наскоро се очекува Законот да влезе во собраниска процедура.