Skip to main content

Охридско лето

Музички времеплов приредија српските уметници

Концертот на „Охридско лето“ ги соедини браќата Минчиќ на концертниот подиум по пет години од нивниот последен настап во Истанбул.
 |  инфодеск  | 
Српски уметници

Музички времеплов со дела од различни епохи приредија вчеравечер на „Охридско лето“ српските уметници Андрија Минчиќ на кларинет, Тадија Минчиќ на фагот и Никола Цветковиќ на пијано настапувајќи на подиумот во акустичната катедрала „Света Софија“.

Младиот Андрија Минчиќ во својата солистичка кариера има одржано повеќе од 200 концерти во Србија и странство и е носител на бројни награди и признанија.

Освен тоа, тој остварува и педагошка дејност како професор по кларинет и група други предмети на одделот за дувачки инструменти на Факултетот за уметности во Ниш.

Српски уметници

Минчиќ како саксофонист свири повеќе различни жанрови, џез, поп, фанк, рок и електронска музика, а со својот проект „Сакстајм“ ја освои светската публика преку социјалните мрежи и јутуб канали.

На „Охридско лето“ донесовме фрагменти кои нè водеа низ епохите и временските раздобја, гледавме да покриеме дела кои се фундамент во класичната музика. Сметаме дека треба да се излезе од стандардните шаблони и на публиката да ѝ се овозможи и интерактивна содржина за да се почувствува дека и таа е дел од кругот во којшто свириме ние. Врз таа основа ја креиравме и програмата за фестивалот – рече Андрија.

Концертот на „Охридско лето“ ги соедини браќата Минчиќ на концертниот подиум по пет години од нивниот последен настап во Истанбул.

Среќен сум што по пет години повторно свирам со мојот брат Тадија. Колегата Никола Цветковиќ е фантастичен пијанист со кого соработувам на факултетот со години. Соработувам и со многу македонски колеги, но првпат настапувам на „Охридско лето“, фестивал кој е пример за сите нас, додаде кларинетистот Минчиќ.

Српски уметници

Концертната вечер со српските уметници започна со Сонатата за фагот G-durоп.168 од Камил Сен-Санс, а продолжи со Сонатата за пијано трет став од македонскиот композитор Гоце Коларовски. На вчерашниот репертоар беа изведени и Кончертиното за кларинет од Анте Гргин, како и Триото за кларинет, фагот и пијано „Гасенхауер трио“ од Бетовен.

Српски уметници