Пчеларите ни ќар ни зијан од медарењето
Пчеларството станува се поскапа дејност , а приходите од мед се помали, реагираат охридските пчелари за моменталните состојби во оваа стопанска гранка. Реалната цена на медот со пресметаните трошоци на производот на чинење би требало да достигне од 1000 до 1200 денари , кажува Тони Јосифоски, претседател на Здруженито на охридските пчелари. Додава дека пчеларите прават отстапка, ја земаат во предвид купувната моќ на граѓаните и на пазарот медот го продаваат по 600 денари за килограм. Со тоа се ни ќар ни зијан во работењето.
„ Има големи трошоци во пчеларењето. Нафтата достигна до 100-110 денари за литар, а пчелните кошници се поставени во планинските предели и тоа чини. Исто така , восокот и другите материјали за одржување на пчелите се поскапени од 50 до 70 посто. Пчеларите мора да живеат од нешто и да им се исплати маката и трудот “, вели Јосифоски .
Цената на килограм мед можеби е прескапа, некои луѓе не може да си ја дозволат , но секој ќе пресмета дали му треба таа здрава храна да ја користи во исхраната или не . Купувањето природен мед има здравствен бенефит за потрошувачот, вели Јосифоски.
„ Читам написи со споредби на цените на медот со цените на чинење на Нутела или кутија цигари, но медот не треба да се споредува со ниеден друг производ. Медот е здрава храна и неспоредлив со ниеден друг производ. Колегите пчелари не треба да прават споредби“ , вели Јосифоски кој повеќе од 25 години се занимава со пчеларење.
Производството на мед се намалува насекаде, трошоците растат и производот станува скап. Во европските земји и соседството цената на медот е драстично зголемена. Во соседна Србија откупот на мед на големо се движи од 7 до 15 евра , а кај нас на мало цената е двојно пониска заради нискиот стандард на граѓаните. Македонските пчелари не можат да се пофалат со некоја заработувачка од работењето што пак, негативно влијае врз интересот за интензивно занимавање со пчеларство на помладите во земјава.