Охридскиот пливачки маратон нема да згасне
Традицијата нема да згасне, ќе има Охридски пливачки маратон, најави охридскиот градоначалник Кирил Пецаков. Охридскиот маратонот кој има 6 децениска традиција, ќе се одржи на 10 -11 септември. Во одржувањето на оваа спортска манифестација животот го вложиле плејада охридски пливачи и биле надминати многу проблеми. Се најде спас за одржување на маратонот после вчерашниот координативен состанок на општината со пливачките клубови, контактите со Агенцијата за млади и спорт и понудената помош од бизнис заедницата од градот и надвор, рече охридскиот градоначалник Пецаков.
„Наградниот фонд за Охридскиот пливачки маратон од 50.000 евра ќе биде покриен од Агенцијата за млади и спорт. Советот на општина Охрид ќе донесе одлука за 2 милиони денари да се обезбедат за другите трошоци за одржување на маратонот. Сметката на Пливачката федерација е блокирана , а парите ќе се префрлат на пливачки клуб и ќе може да се организира пливачки маратон“, кажа градоначалникот Пецаков.
Иднината на Охридскиот пливачки маратон е светла и од наредната година општина Охрид ќе продолжи со поддршка. Маратонот ќе го врати поранешниот сјај и популарност. Градоначаланикот е убеден дека ова е последен пат да се доведе во прашање одржувањето на Охридскиот пливачки маратон. Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски , соопшти дека ги затекнала веста од пливачката федерација дека се откажува Охридскиот пливачки маратон . Долговите и блокираната сметка во Пливачката федерација се од 2012 година и оттогаш долгот од 45 000 евра со камати е стигнат до 70-80 000 евра, кажа Мојсоски и додаде дека ќе се бара одговорност .
„Имаше можност тоа да се надмине, но секој нов претседател на федерацијата мораше да се позанимава со стариот долг. Агенцијата или државата може да го помага новиот дел кој е поврзан со пливачите, настапите на Европско и Светско првенство и Охридскиот маратон, но стари долгови законски не смееме да ги покриваме. Ден денес, од Пливачката федерација се оградуваат да ги платат старите долгови. Треба да се вложуваат средства во самата федерација, а не само да се чека помош од државата. Одговорност ќе се побара од сите, влезена е финансова полиција во пливачката федерација“, рече Мојсоски.
Од Агенцијата за млади и спорт заедно со државата уверуваат дека и понатака ќе обезбедуваат средства за одржување на Охридскиот пливачки маратон. Исто така, има најави дека од оваа есен , и општината ќе се вклучи во обезбедување финансиска поддршка за негово одржување.за враќање на имиџот на маратонот ќе се обезбедат средства и за неисплатениот награден фонд за маратонците победници во трките, во изминатите две години.