Skip to main content

Засилени инспекциски контроли

Зголемена наплата на туристичка такса во Струга

Расте наплатата на туристичка такса во Струга, но сеуште има затајувачи и диви станоиздавачи. Лани општината инкасирала околу 3,5 милиони денари. Глобата за непочитување на обврската за правните лица се движи од 2.000 до 4.000 евра во денарска против-вредност, додека за физичките лица е пропишана казна од 600 евра.
 |  инфодеск  | 
Струга

Се зголемува наплатата на туристичка такса во Струга. За разлика од минатите години кога голем број хотели и приватни станоиздавачи ја затајуваа оваа давачка, наплатата расте.

Само лани од туристичка такса Струга инкасирала околу 60 илјади евра.

Но, сеуште има станоиздавачи и хотели, кои нецелосно ги пријавуваат гостите. Од општината велат го спроведуваат законот со засилени инспекциски контроли.

Можам да кажам дека за 2021 година, бидејќи сега сме сеуште во ек на сезона и немаме крајни резултати за оваа година, но за лани може да кажеме дека се собрани над 3,5 милиони денари и секако сите беа наменети за прграмата за туризам за општина Струга со тоа се трудиме секоја година да имаме подобра понуда – вели Беса Зиба, портпарол на општина Струга.

Струга

Иста туристичка такса во износ од 40 денари по лице на ден плаќаат и големите хотели и апартманите во земјава. Има приватни станоиздавачи кои не се категоризирани и на диво сместуваат гости без да плаќаат никакви давачки.

На територијата на општина Струга се категоризирани 120 приватни станоиздавачи, кои нудат услуги за сместување на туристи и процесот на категоризација продолжува. Ако има интерес има екипа која врши категоризација според потребите – додава Зиба.

Според Законот за такса за привремен престој, сместувачите се должни да платат туристичка такса по лице за остварено ноќевање. Глобата за непочитување на обврската за правните лица се движи од 2.000 до 4.000 евра во денарска против-вредност, додека за физичките лица е пропишана казна од 600 евра.

Новинар : Соња Рилковска