Уписи во охридската градинка
Во тек се уписите во детската градинка Јасна Ристеска. Се испраќа старата и се пречекува новата генерација дечиња. Запишани се 862 деца, а интересот за сместување на децата во градинка е постојано во пораст. Има 390 барања за сместување, а на листа на чекање за слободно место се евидентирани 120 дечиња. Тие ќе бидат згрижени во 43 групи во 9 објекти на ЈОУДГ Јасна Ристеска. Децата ќе бидат сместени во 5 објекти и 4 просторни објекти во Пештани, Лескоец, Велгошти и населбата Радојца Новичиќ, информира Ирина Милеска, директор на детската градинка Јасна Ристеска.
Има листа на чекање. Беше свикана Комисија за да се направи преглед колку деца може да се примат, а колку ќе почекаат. Чекаме да се отпишат децата од големите групи за да може да ги ставиме децата на листа на чекање. Сега се околу 390 барања, од кои 120 деца ќе се на листа на чекање. Со секое испишано дете ќе настојуваме на тоа место да се згрижат децата во градинка – вели Милеска.
Уписите во градинка се прават според датумот на поднесенето барање. Ги примаме децата за кои порано е поднесено барање бидејќи тие подолго време чекаат за упис, вели директорката. Цената за услугата во градинката е непроменета и изнесува 1490 денари. Во пораст е интересот на родителите за користење на услугите во јаслените групи.
Моментално голем интерес има за јаслените групи. Бројот постојано се зголемува и секој ден има се повеќе поднесени барања за упис. Ние се трудиме секое дете да го згрижиме. Приоритет им даваме на децата со посебни потреби и самохраните родители. За нив гледаме секогаш да им излеземе во пресрет – нагласува Милеска.
Неодамна советот на општина Охрид донесе одлука за изработка на техничка документација за надградба на објектот на централната градинка. Со тоа ќе се реши проблемот со листата на чекање слободно место во охридксите градинки и ќе се зголеми опфатеноста на децата од предучилишната возраст.