Како општините ќе штедат струја?
Владините мерки за штедење струја ќе почнат од 1 ви септември, а од утре владата ќе прогласи енергетска кризна состојба во Македонија. Општина Охрид засега нема изготвено конкретен план за штедење на електричната енергија, информира општинскиот портпарол.
„ Прифатени ќе бидат сите препораки кои доаѓаат од владините институции. Заедно со другите локални самоуправи преку ЗЕЛС ќе се бараат начини за штедење на енергија.
Во наредниот период, по направените аналази, локалната самоуправа ќе го масимизира штедењето на енергенсите во јавните претпријатија и институции кои се во надлежност на општината“, стои во дописот од општина Охрид.
Соседна општина Струга подготвува план и терен за да се вклучи во владината кампања за заштеда на електрична енергија. Планот е да се редуцира уличното осветлување во градот и населените места согласно владините препораки и мерки. Градоначалникот Рамиз Мерко оствари средба со претставници од ЕВН. Општинската прес-служба информира дека ќе бидат поставени уреди на 208 мерни единици низ градот и селата којшто ќе ја контролираат и мерат потрошувачката на електрична енергија. Целта е да се елиминираат злоупотреби, а истовремено и да се заштеди струја. Се планира и редукција на уличните светилки во некои делови од градот и во селата. Општина Струга апелира жителите да имаат разбирање за овие мерки и планот за штедење на струја кој е во полза на градот и граѓаните. Зголемувањето на цената на струјата ги зголеми и износите на сметките дури за четири пати. Таа сума не е предвидена во буџетот на општина Струга за тековната година.
Пред десетина дена, Владата ги објави и мерките за заштеда на струја до 15 проценти кои ќе важат се до март следната година. Доколку се оди според планот на ЕСМ, не се очекува да има рестрикции на струја оваа зима, напомена Крешник Бектеши, министерот за економија. За домаќинствата и за компаниите, мерките се во вид на препораки, додека за државните институции има конкретни задолженија што ќе мора да ги испочитуваат, а во спротивно ќе следат санкции. Дел од препораките за државните институции се исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, во сезона на ладење, климите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, да се исклучуваат компјутерите по работата, редовно да се менуваат филтрите на грејните тела и клима уредите, да се принтаат само потребните материјали, да се заменат прозорците со енергетски ефикасни. Од министерството за економија апелираат сите да дадат придонес за заштеда на електричната енергија, а пример за тоа да бидат државните институции.