Skip to main content

Спорт

Маратонците Илиевски и Неделкоска најдобри на Охрид 2022

Се одржа четвртиот Олимписки пливачки маратон „Охрид 2022“. Учествуваа Македонски пливачи во машка и женска конкуренција. Во земјава има потенцијал за маратонското пливање, но недостасуваат затворени базени каде што ќе се овозможат постојани тренинзи на пливачите, вели маратонецот Евгениј Поп Ацев.
 |  Валентина Неловска  | 
Olimpiski maraton Ohrid

Се одржа Олимпискиот пливачки маратон на 10 километри „Охрид 2022“. Овој маратон се одржува по четврти пат на Охридското езеро, во организација на ПК „Охридски бранови 2008 “. Годинава на маратонот учествуваа пливачи од Македонија, во машка и женска конкуренција, информира Катерина Стојаноска, тренер од ПК „Охридски бранови 2008“.

„Тие се пливачи кои пливаа и на претходните маратони кои ги организиравме. Подготвени се, очекуваме да постигнат добри резултати. Им посакуваме мирно езеро и да остварат добар успех. Ова е пливачки маратон и се исполнува нормата со пливање на 10 км, во должина од 400 метри и ширина 100 метри по два пати, еден километар .Се вртат 10 круга “, појаснува Стојаноска.

Евгениј Поп Ацев е еден од пливачите кои учествуваа на 10 км Олимписки пливачки маратон. Тој е еден од нашите најпознати маратонци и очекува добри резултати на овој настап. Потсетува на традицијата во земјава која ја имаме во оваа пливачка дисциплина, посебно во Охрид. Поп Ацев кажува дека покрај традициналниот Охридски маратон популарна станува и оваа кружна Олимписка патека. При тоа напоменува од што зависи развојот на нашите потенцијални, талентирани пливачи.

„Има многу деца заинтересирани за пливање маратон, но и малку постари, како нас. Пливачкиот маратон има добра иднина, со прекрасното езеро и добра организација.Главен предуслов се постојани услови за тренинзи. Покрај езерото, најважна работа е да имаме затворени базени каде што ќе тренираат децата професионално, постојано, и во лето и во зима. Тоа и недостасува на Македонија и треба да се поработи на тој план. Еве во Охрид се гради базен кој ќе биде завршен и ќе се зголеми потенцијалот за стварање на добри пливачи“, напоменува Поп Ацев.

Четвртиот Олимписки пливачки маратон „Охрид 2022“ се одржа во езерските води на просторот пред старото пристаниште, на потегот помеѓу хотелите „Палас“ и „Милениум“. Најдобри резултати на 10 километарската патека постигнаа Александар Илиевски во машка конкуренција и Ивана Неделкоска, во женска конкуренција.