Skip to main content

Вевчани турист инфо

Заврши Вевчанско лето

Вевчани дишеше во ритамот на културата, спортот, уметноста. Беше мегдан на богати музички, културни и спортски збиднувања.
 |  инфодеск  | 
Вевчанско лето

Со хорот од базелската катедрала беше затворено „Вевчанско лето 2022“ во организација на Здружението за афирмација на туризмот, културата и културното наследство – Вевчани Турист Инфо, а под покровителство на Општина Вевчани.

Вевчанско лето

Од 15-ти јули до 27-ми август, Вевчани дишеше во ритамот на културата, спортот, уметноста. Вевчани беше мегдан на богати музички, културни и спортски збиднувања.

Важноста од култура и културни настани за нашава населба ја препознаа членовите и основачи на здружението „Вевчани Турист Инфо“ кое е формирано и основано уште во 2011 година од угостителско-туристички работници во Вевчани и токму тие во интерес на развојот на туризмот, уметноста и побогат културен живот во населбава овозможија здружението Вевчани Инфо Турист да биде носителот и организаторот на Вевчанското лето. Искрено им благодарам на членовите и основачи на здружението: Владимир Алулоски, Наташа Богоеска, Тошо Чочороски, Јованка Кукоска, Тони Костојчиноски, Андре Попески и Дарко Чочороски – истакна градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски.

Вевчанското лето се отвори со прекрасната монодрама „ Кармен “ на Билјана Драгичевиќ Пројковска, а во режија на ценетиот и светски признатиот режисер Дејан Пројковски.

Од 20- ти јули во галериите на Мултикултурниот центар беше отворена детската ликовна изложба во рамки на првата детска ликовна школа во организација на колонијата „Вевчански Видувања“.

За најмладите, во Домот на Култура во Вевчани гостуваше „Интимен Театар“ од Битола, со театарската претстава „Шушавко, Мајмунот и Снежната Кралица“ во режија на Софија Ристевска.

Младата пијанистка Аница Нелоска, заедно со нејзината соученичка Јана Блажевска и младиот музичар, вевчанецот Марко Китаноски, одржаа целовечерен концерт за паметење.

Вевчанско лето го прослави и Илинден. Со свој настан насловен Ноќ спроти Илинден – вечер на етно музика и поезија, во чест на големиот македонски празник Илинден, се одржа концерт на флејтистката Невена Танеска и музичарот Теодор Бошков, придружени со стиховите на младата писателка Верица Мукоска во прекрасната природа на Вевчанските извори.

Вевчанското лето беше збогатено и со спортски настани. Трчаме непокорни и горди – Крос на поранешни и сегашни ученици на ООУ „Страшо Пинџур“ беше содржината која му даде спортски дух на Вевчани во чест на непокорот вевчански.

7-ми август беше инспирација за ликовните уметници од Вевчани за Вевчани. Во чест на вевчанскиот непокор, во Мултикултурниот центар, отворена беше изложбата на вевчанските ликовни уметници: Никола Угриновски, Аница Китаноска, Марјана Костојчиноска Узунчева, Симун Лешоски, Симун Коруноски, Перо Шутиноски и Коста Костоски.

Со програмската содржина „Вечер на непокорот“ беа одбележани 35 години од Вевчанскиот случај, датум кој ќе биде засекогаш запамтен во Вевчанската историја. Прикажани беа сведоштва на Драгослав Симиќ, новинар во пензија од радио Београд, за Вевчанскиот случај во 1987 година, а модератор на вечерта беше проф. др. Пера Кочовиќ.

Од 15 до 19 август, традиционално, по 12-ти пат во организација на КУД „Дримкол“ од Вевчани, во очи на вевчанската слава Преображение Христово, се одржа големиот фестивал на народна култура „Пображење“ – Вевчани, денови на традиција, песна, оро, каде учество зедоа Културно Уметнички Друштва и Фолклорни Ансамбли од Македонија и Балканот.

За најмладите вевчанчиња во Вевчани пред неколку дена гостуваа и пееја Златните славејчиња од Скопје.

Вевчанското лето беше затворено со Хорот на Базелската Катедрала кои пристигнаа од Базел, Швајцарија.

Хорот на базелската катедрала е еден од најуспешните во Швајцарија. Одржуваат многубројни концерти во државата, но и надвор од земјата.

Вевчанско лето

За нивната успешност говорат и бројните проекти и соработки со светски познати музичари и музички групи.

Меѓу нивните најзначајни турнеи е турнеата во Јужна Африка каде што во текот на две недели одржале многу концерти во градови од Јоханезбург до Кејп Таун. Диригент на хорот е Оливер Рудин, а за сценската изведба е задолжен Даниел Рафлауб.