Охридската градинка има стручен кадар
Охридската градинка ЈУОДГ „Јасна Ристеска“ располага со стручен кадар. За потребите на децата кои се згрижуваат во 9те објекти кои се дел во градинката се на располагање дефектолог, педагог, логопед, музички педагог, напоменува директорката Ирина Милеска. Се почесто се забележуваат деца кои се запишуваат во градинка со потешкотии во развојот на различни возрасти. Современиот стил на живот, користењето на технологијата и отсуството на родителите од домот доведуваат до развојни проблеми кај децата. Воспитувачите среќаваат деца кои имаат проблем во зборувањето, имаат намалена концентарција или зголемена агресивност. Градинката вложува во стручен кадар за да им помогнеме, напоменува Милеска.
„Отворени сме за соработка со родителите доколку имаат потреба од стручно лица. Ќе им помогнеме без разлика дали ги користат услугите од градинката или не. Отворени сме за совети, препораки и мислење. Секој родител кој има проблем или прашање за развојот на децата може да се обрати во градинката, ние ќе излеземе во пресрет“, вели Милеска.
Препораката на стручните лица е децата до две години да не користат мобилни телефони, од три години до 5 да користат само еден час дневно, а од 6 нагоре не повеќе од два саати. Родителот треба да го поттикнува детето да игра и да користи фацијални експресии, говор, звуци, кратки реченици. исто така, воспитувачите забележуваат зачестена прекумерна телесна тежина кај децата. Од Јасна Ристеска најавуваат ангажирање на педагог по физичко воспитание кој ќе работи со ротација во сите објекти на градинката.
„Педагогот по физичко треба да подготви програма по која ќе работи со децата. Програмата треба да биде прилагодена според возраста и способностите на дечињата. Згрижуваме деца од 0 до 6 годишна возраст. Само во јасли нема физичко, додека за децата од 2 до 6 години ќе има разработени активности и физичко воспитување“, додава Милеска.
Воспитувачките тимови од градинката се грижат за физичкото здравје на децата. Во зависност од временските услови ги активираат децата на физички активности со шетање во природа, игри во дворт на градинката или со гимнастика, вели Милеска.