Завршија 61-те Струшки вечери на поезијата
Заврши 61-то издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“. Годинешниот лауреат, јапонскиот поет Шунтаро Таникава, поради поодмината возраст не присуствуваше на фестивалот, а признанието во негово име го прими неговиот син, истакнатиот јапонски композитор и пијанист Кенсаку Таникава.
Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2022 година за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија му беше врачена на македонскиот поет и книжевен преведувач Зоран Анчевски за збирката „Збунети компаси“.
Признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и „Струшките вечери на поезијата“ го доделуваат за најдобар поет-дебитант му беше врачено на италијанскиот поет Џерардо Мазучо.
Директорот на „Струшките вечери на поезија“ Тодорче Тасевски задоволен од годинешното издание.
„Можам да кажам дека сум задоволен од изданието. Фестивалот по две последователни изданија во изминатите години во услови на ковид-пандемија, оваа година се врати во препознатливиот формат. Освен вообичаените публикации, оваа година ја издадовме антологијата, Музика, секогаш и уште поезијата во дијалог со музиката, која ја нагласи врската помеѓу поезијата и музиката како што таа врска е потенцирана и во мотото на годинешното издание Ритамот на стихот, ритам на животот.“, изјави Тасевски.
Фестивалот традиционално ќе заврши со поетско читање во Скопје, кое ќе се одржи денес во Даутпашиниот амам со почеток во 20:30 часот.