Усвоени извештаите од Јавните претпријатија
Усвоени се кварталните финансиски извештаи за петте охридски јавни претрпијатија. Советниците ги разгледуваа финансиските извештаи на расходите и приходите од работењето на Јавните претпријатија „Билјанини извори“, „Водовод“, „Градски грбоишта“, „Градски пазар“ и „Нискоградба“ за периодот од 01.04 до 30.06.2022 година. Опозицијата не даде зелено светло ама предложи сугестии како финансиски да зајакнат кревките ЈП.
Живка Ангелоска, координаторот на коалцијата на СДСМ, предложи намалување на адвокатските услуги во некои ЈП и рационализација на вработувањата со соодветна систематизиација на работните места. Ангелоска, во дискусијата потврди дека ЈП се во тешка финансиска состојба со децении, виновни се и едните и другите политички партии и порача да нема меѓусебни препукувања бидејќи тоа не носи до успешна работа.
„На говорница зборуваме со факти и аргументи за податоците кои ни ги дадовте. Не може да се каже дека директорите се криви за ситуацијата. Но, би сакала да ги прифатите сугестиите или не мора. Нашата заедничка интенција е успешни претпријатија без разлика кој е на власт. Јавните претпријатија се сервис на граѓаните и да ги ставиме во колосек ЈП за услугите да се поквалитетни“, порача Ангелоска.
Упатените забелешки и предлозите од опозицијата предизвикаа реакции кај позицијата. Сашо Донев, претседателот на совет, за финансиската состојба во која се наоѓаат ЈП ги обвини за недомаќинско работење претходните менаџери на ЈП, а сега и кон државата, за скапата цена на набавка на електричната енергија која им задава сериозни проблеми во подмирувањето на сметките за струја на сите јавни претпријатија.
„Како што тоне државата ќе тонат и тие. Како што расте електричната енергија ќе растат и долговите. Имаме вработени, за кои за 2-3 месеци не ќе може да обезбедиме плата, а камоли да ги завршиме услугите кои ги плаќаат граѓаните. Точно е дека не мора да се плаќа струја, ќе не тужат и ќе го доведат Водовод во претходната ситуација“, рече Донев.
На продолжението на 15 тата седница на градскиот совет, советниците ги усвоија и осатнтите предлог одлуки, како што се давање донација на ДПД Ентузијаст Охрид- Дебрца, за партиципација и сопствено учество на општина Охрид во проектот „Развој на спортски туризам во општина Охрид – изградба на вежбалиште за голф“, за формирање на општински совет за социјална заштита, за формирање на координативно тело за оценување на имплементација на трет локален еколошки акционен план на општина Охрид, за пренесување на правото на користење на ПМВ возило марка „Мерцедес “ – сопственост на општина Охрид на ЈП „Водовод“ Охрид.