Skip to main content

Образование

Основните училишта спремни за учебната година

Основните училишта во Охрид спремни за стaрт на новата учебна година. Радува фактот што годинава е зголемен бројот на запишани првачиња. Лани биле 504, а годинава, 539 првачиња ќе седнат во училишните клупи.
 |  инфодеск  | 
Училиште Климент

Охридските основни училишта подготвени за старт на новата учебна година. Наставата ќе се одвива со физичко присуство. Утре во училишните клупи за првпат ќе седнат 539 првачиња.

Директорот на основното училиште Св. Климент Охридски Јордан Пуроски вели дека за време на летниот период има доволно време да се направат сите подготовки за успешен почеток на школската година. Во нивното училиште се запишани 70 првачиња.

За најмалите ќе имаме посебна програма за прием на првачиња така што таа програма се надевам ќе им се допадне и на првачињата и на родителите и на сите нас. Направивме напори оваа година предметната настава да започне како кабинетска настава, бидејќи од направената анализа од минатата година увидовме недостатоци без кабинетска настава. Нашето училиште ја има таа можност и оваа година ќе започне кабинетската настава.“, кажа Јордан Пуроски Директорот на основното училиште „Св. Климент Охридски“.

Директорот Пуроски информираше и за некои мали измени. За учениците од прво до трето одделение наставата ќе започне во 7 и 30 часот, додека учениците од четврто до деветто одделение ќе започнат вообичаено во 08.00 часот. Овие измени се прават со цел растеретување на сообраќајот во стариот дел на градот објаснува Пуроски.

И од основното училиште Григор Прличев велат дека се подготвени во секој поглед за старт на новата учебна година, вклучително и за новите 139 првачиња. Единствено што очекуваат е целосно снабдување со учебници.

Процесот на пристигнување на книги оди забавено. Книги по нова концепција на образование немаме добиено. Во одделенска настава имаме добиено за трето одделение и во предметна настава имаме добиено само дидактички и работни материјали. Во очекување сме, има најава од министерството дека ќе го решат проблемот до почетокот на учебната година“., посочи Лилјана Ефтимовска Директорката на основното училиште „Григор Прличев“ од Охрид.

И останатите основни училишта од градот за ТВМ потврдија дека се подготвени за стартот на новата учебна година. Општина Охрид ќе додели по 3.000 денари за секое запишано прваче на територија на општината.