Skip to main content

Образование

Започна новата учебна година

Детскиот џагор ги исполни училишните дворови по 2 пандемиски години. Со пригодни свечености беше одбележан стартот на новата учебна година во основните училишта во Охрид. Градоначалникот Кирил Пецаков годинава ги посети првооделенците во „Григор Прличев“ и „Ванчо Николески“ и им посака успех, здравје и многу петки.
 |  инфодеск  | 
ОУ Григор Прличев

Започна новата учебна година без обврска за носење заштитни маски и антиковид-протоколи. Градоначалникот Кирил Пецаков годинава ги посети училишта „Григор Прличев“ и „Ванчо Николески“ во Лескоец. Тој го сподели своето искуство како ученик во основното училиште „Григор Прличев“ и им упати најубави желби за успешен почеток и многу петки на првачињата, а им се обрати и на наставниците и на родителите.

Верувам дека сте возбудени и сигурно се прашувате што ли ќе се случува на овој ден. Се сеќавам колку трема имав јас на мојот прв училиштен ден кога за прв пат се сретнав со драгите првачиња со кои во текот на годините што следеа делевме клупа, знаење и многу убави моменти кои засекогаш ќе се паметат. Почитувани родители и ценети наставници најдобар начин да ги направите децата добри е да ги направите среќни, рекол познатиот светски писател Оскар Вајлд, па затоа, сакам да ви порачам, да бидете трпеливи и секогаш позитивни, бидејќи само со таков пристап ќе може да бидете сигурни дека ќе ги пренесете вистинските пораки за човечност и добро воспитување.“, кажа градоначалникот Кирил Пецаков.

Како локална самоуправа, во континуитет вложуваме во училишната инфраструктура и даваме поддршка за остварените успеси. А оваа година на мое големо задоволство за прв пат преку проектот „Нашите првачиња“ обезбедена е скромна помош за сите првачиња, истакна Пецаков.

„Григор Прличев“ како училиште со долга традција, денес пречекува нова генерација првачиња, а ние како тим ќе направиме се ти да се чувствуваат среќно, задоволно и безбедно кај нас, ветува Лилјана Ефтимовска директорка на училиштето.

Во нашето училиште ќе се стекнете со две од најголемите вредности во животот, тоа се знаењето и другарувањето. Знаењето ќе ви го дадат вашите наставници, тие се тука за вас и секој од нив од срце ќе ви помогне да ги совладате вашите училишни задачи и да ги надминете сите препреки.“, истакна Лилјана Ефтимовска В.Д. директор на ООУ „Григор Прличев“.

Лилјана Ефтимовска

По повод првиот училишен ден, градоначалникот беше гостин и на пригодната свеченост која ја подготвија учениците и наставниците од ООУ „Ванчо Николески“ во село Лескоец, каде што исто така ги поздрави присутните.