Фотографии од првиот oхридски маратон
Се организира изложба од стари фотографии од почетоците на одржувањето на Охридскиот пливачки маратон. Изложбата содржи фотографии кои за прв пат се презентираат во јавност, а ќе се постави на Долна Порта, на плоштадот „Табана“. Ова е начин за потсетување на охридските маратонски ѕвезди и традицијата на одржување на маратонот, информира историчарот Славчо Новески од Историски архив охрид.
Вечерва посетителите ќе имаат можност да ги прегледаат фотографиите од маратонот одржан 1959 година на релација Св. Наум – Охрид. Ќе има 30-тина фотографии изложени во 6 витрини. Материјалот ги содржи учесниците на маратонот, околностите и препливувањето на езерото – напоменува Новески.
Фотографиите датираат од крајот на педесеттите години од минатиот век. Моментите за паметење се направени од познатиот охридски фотограф Коста Андоновски. Неговата богата фотографска архива сега е оставштина на историскиот архив Охрид кој ја подготви вечерашната изложба.
Тој фонд изобилува со мноштво фотографии од најразлични сфери од животот како што се политичкиот, културниот живот на градот, домашни веселби на којшто бил ангажиран да ги документира. Има и рекламен материјал кој сам го продуцирал. Од сите фотографии извлековме 30-тина кои ги претставуваат моментите од денот на препливувањето на езерото – кажува Новески.
Деновиве, изложбата со фотографии од „Табаана“ ќе биде поместена и на други локации. Една од локациите се просториите на Центарот за култура „Григор Прличев“. Во пресрет на одржувањето на годинешното 35-то издание на Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржи во сабота, на 10-ти септември, а општина Охрид организира бројни манифестации со кои се враќа сјајот на Охридскиот пливачки маратон.