Skip to main content

Општина охрид

Утре ќе се одржи 16-тата седница на Советот

Советот на Општина Охрид утре ќе ја одржи 16-тата седница. Почетокот на седницата е во 9 часот, а ТВМ ќе врши директен пренос.
 |  инфодеск  | 
Седница

Утре Советот на општина Охрид ќе ја одржи 16-тата седница. На дневен ред се 42 точки.

Советниците ќе одлучуваат за давање согласност на одлуката за утврдување на работното време на вработените во Јавната општинска установа за деца – детска градинка „Јасна Ристеска“ – Охрид.

Советничката од партијата Левица, Виолета Аврамоска, до Претседателот на Советот на Општина Охрид, поднесе Иницијатива за донесување одлука со која Советот на Општина Охрид од Министерството за труд и социјална политика, ќе побара воведување на двосменско работно време во детските градинки на територијата на Општината. Оваа иницијатива Аврамоска ја поднесува по втор пат.

Покрај ова, во врска со работењето на градинката се очекува советниците да дадат согласност за формирање групи со помал односно поголем број деца од законски утврдениот, да биде усвоен извештајот за работата на оваа општинска установа за минатата година и усвојување на годишната програма за работа за претстојната 2022/ 2023 година, како и разрешување и именување членови во управниот и надзорниот одбор на градинката.

На дневен ред на утрешната седница е Предлог Одлука за утврдување начин на применување на „План за управување со светско природно и културно наследство на Охридскиот регион со акциски план (2020-2029)“ при донесување и спроведување на генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за вон населено место, урбанистички план за село и урбанистички проект вон опфат на урбанистички план при планирање на намена за фотоволтаични електрани. Советниците ќе се изјаснат и за давање согласност на годишен план за вработување на ЈП „Билјанини Извори“ – Охрид за 2023 година. 

На дневен ред се поместени и 30-тина точки од областа на урбанизмот, легализации на бесправно изградени објекти во Долно Лакочереј, Рамне, Коњско, Пештани, Трпејца, Љубаништа, Велестово, Косел, Лескоец, Катастарски општини  Охрид 3 и 4.

Почетокот на седницата е во 9 часот, а ТВМ ќе врши директен пренос.