Никој не смее и не може да преговара за идентитетот и за македонскиот јазик. Треба да ја зајакнеме националната свест. Ако имаме свесни Македонци, цврсти и непоколебливи, тогаш ќе ја зачуваме државата, ќе ги зачуваме и идентитетот и јазикот, вели академик Ѓорѓи Поп Атанасов.
Според него Бугарите негираат се што е македонско, им пречи древната историја.
Не можеш ти да преговараш за своето минато, не можеш да преговараш за својата историја. Не можеш да преговараш за својата писменост, книжевност и јазик. Не може за својот јазик да преговараш или за својот идентитет. За тоа не се преговара. Бугарите си имаат една традиција на негирање на се што е македонско и се што е македонско тие го третираат дека е нивно – вели академик Ѓорѓи Поп Атанасов, изучувач на старословенската книжевност и старите ракописи.
Власта не се консултира со научната фела која ја познава добро оваа проблематика. Во комисијата нема претставници кои се занимаваат со писменоста, со Светиклиментовата црква, вели Поп Атанасов.
Тие имаат нешто што замислиле се договориле со бугарската страна и тие не сакаат да консултираат луѓе кои што се разбираат од таа работа оти ќе испадне дека не ќе може со бугарите да продолжат да преговараат и да продаваат се што е македонско. Зошто мене не ме прашале или некои други кои се познавачи на оваа проблематика – вели Атанасов.
Поп Атанасов е Македонец, роден во Бугарија, како средношколец бил осуден со група младинци бидејќи делувале за македонската самобитност и пребегнал во земјава.
Според него фактите и историјата се на наша страна Цар Самоил не бил Бугарин, туку ерменец, кој го формирал царството на територија на Македонија. Преславската и Охридската книжевна школа се сосема различни. За сите свои откритија, како професор и истражувач издал над 20 книги и 150 статии.
Новинар : Соња Рилковска