Еднодневен настан на тема „Еднаквост и недискриминација“, ќе се одржи утре во Охрид на платото кај Порта Александрија. Настанот се одржува под мотото „Препознај, Пријави, Спречи Дискриминација“.
Целта на овој отворен ден е едукација на граѓаните и граѓанките на темата еднаквост и недискриминација, но и преставување на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација како тело кое нуди заштита од сите типови на дискриминација.
Претставниците на Комисијата се отворени за дискусија со локалното население и ќе бидат подготвени да одговорат на сите прашања на присутните. Важно е да ја подигнеме свесноста дека дискриминацијата е штетна за општеството, но и дека е забранета со закон и не треба да остане непријавена. Токму затоа ќе се зборува како да се препознаат формите на дискриминација, но и како да се пријави истата. Важно е да научиме дека луѓето треба да ги почитуваме онакви какви што се, затоа што сите сме еднакви и имаме исти права – велат организаторите.
Настанот на платото кај Порта Александрија со почеток во 13 часот, ќе го отвори Игор Јадровски, член на Комисијата. Настанот е финансиски поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.