Случајот со струшката депонија заглави на апелација
Судскиот процес за струшката депонија заглави во Апелационен суд. Веќе седум месеци се чека одлуката на Апелациониот суд Битола, по поднесената жалба од страна на тужените, коишто струшкиот суд го прогласија за ненадлежен за ваков судски процес. Екологистите алармираат, велат проблемот со струшката депонија бара итно решавање, бидејки иминативе пет години нема никакво подобрување на состојбите со управувањето со отпадот.
Нов еко-проблем во струшко е повеќекратното спалување на дивата депонија во село Лабуништа.
Со самото пасивно постапување на Апелациониот суд се губи смислата за итноста на овие мерки за коишто ние бараме да бидат имплементирани со цел заштита на здравјето и животот на луѓето – вели Глигор Ќатоски, застапник на Здружение на млади правници и екологист од НВО „Доста е”.
Загрижувачки се податоците од вештачењето направено од страна на реномирани експерти за последиците врз здравјето на луѓето. Изминативе пет години во струшко има значителен пораст на заболени од карцином и распираторни заболувања.
Показателите се дека имаме покачување на бројот на малигни заболувања, особено по спалување на депонијата во 2017-та година. Зголемување и компликации во бременоста, зголемување на распираторните болести итн – додава Ќатоски.
Со првата поднесена граѓанска тужба во земјава за загадувањето од струшката депонија тужени се општина Струга, јавното комунално претпријатие и министерството за животна средина, кои меѓусебно си ја префрлуваат одговорноста за решавање на проблемот.
Новинар : Соња Рилковска