Енергетската криза ги погоди и јавните здравствени установи. Петкратно се зголемени месечните сметки за електрична енергија во Специјалната болница за нефрологија Струга.
Ако лани сметките изнесувале 250 000 денари за еден месец, годинава се над еден милион денари. Болницата располага со 100 болнички легла, се грее на нафта, но сметките се превисоки уште пред почетокот на грејната сезона. Менаџментот очекува помош од владата.
Мора да ни помогне владата, парното ни е на нафта и нафта имаме обезбедено до февруари, март до тогаш ни е тендерот. Се надевам со рестрикции онаму каде што можеме, меѓутоа мислам дека пациентите мора да бидат згрижени и задоволни и се надевам на помош од владата – вели д-р Александар Попоски, директор на Специјалната болница за нефрологија Струга.
Од менаџментот на болницата велат се обидуваат да штедат, но на прво место е згрижувањето и негата на пациентите.
Ради енергетска криза, ради промени кои што треба да се случат технички на тоалетите, имaме топла вода два пати неделно во среда и во недела. И сите пациенти тогаш може да ги извршат своите потреби. Факт е дека секојдневно немаме, но греење во зимски услови имаме постојано – додава д-р Попоски.
Непoсредно пред почетокот на грејната сезона јавните здравствени установи се загрижени, најмногу за покачување на цената на електричната енергија, но и на сите видови енергенси. Стравуваат дека нема да можат да ги платат сметките за струја.
Новинар : Соња Рилковска