Се реконструира старото струшко јадро
Се подобруваат условите за сообраќај и пешачење на неколку улици во струшката чаршија. Се заменуваат и поставуваат камени блокови, а при тоа се внимава да не се наруши градскиот автентичен изглед, информира Мирјана Лозаноска , директорка на Центарот за развој на Југозападниот плански регион. Се реупотребуваат здравите камени плочи при реконструкцијата на улиците 27 Март, Браќа Миладиновци, Нико Нестор, Гоце Делчев и Димитар Влахов. Градежните зафати се изведуваат во должина од 600 метри и површина од 3600 метри квадратни.
„ Максимално се користи каменот кој е во добра состојба на постојните улици во Струга. Единствено, замена со нови се прави каде што се оштетени блоковите и не може да се искористат. Во услови на екомска криза здравиот камен не се фрла. Тлото максимално се зајакнува со сите градежни техники и камените блокови се реупотребуваат“, напоменува Лозаноска.
Станува збор за проект во висина од 18 милиони денари. Од тие средства 10,5 милиони денари се инвестиција на Бирото за рамномерн развој, а со 2,5 милиони денари учествува и општина Струга. За замена на водоводната мрежа, која паралелно се менува со камените блокови, општината обезбеди дополнителни средства, кажа струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
„Општина Струга зеде обврска и за нешто повеќе да направи. Го поправи водоснабдувањето во градот. Сите азбестни цевки се вадат и се ставаат нови, квалитетни водоводни цевки. Се инвестираат 4 милиони денари. Секој дом ќе добие квалитетно снабдување со вода и ќе ги нема повеќе азбестните цевки“, вели Мерко.
Проектот за реконструкција на струшкото, градско јадро треба да заврши до крајот на месец ноември. Со тоа ќе финишира и последниот проект на Југозападниот плански регион за оваа година,финансиран од Бирото за рамномерен развој. Во меѓувреме, се завршени и други проекти, како што се партерното уредување на просторот околу туристичкиот инфо центар во Вевчани, асфалтирани се улици во центар Жупа и во Охрид, од кои четири крака на улицата Даме Груев и Момчило Јорданоски.