Саем за социјални претпријатија
Фондацијата за поддршка на мали и средни претпријатија организира саем за социјални претпријатија. Домашни социјални претпријатија и Локалните самоуправи од Југозападниот регион ќе разменуваат искуства со делегациите на Вишеградската група во функционирањето на овие претпријатија. Градоначалници и тимови од Чешка, Полска и Унгарија ќе споделуваат нивни исуства од развојот на социјалната економија и решавањето на невработеноста во нивните земји, напоменува Мимоза Попоска од Фондацијата за поддршка на мали и средни претпријатија .
„Регулирано е правно кај нив, кои мерки и поволности едно социјално претпријатие може да ги користи за вработување на т.н ранливи категории граѓани. Тоа се лица со посебни потреби, самохрани родители, зависници од дрога и алкохол, за системот да ги превземе преку социјалните претпријатија. Да им овозможува после одредени обуки да се корисни за општеството“, споделува Попоска .
Саемот за социјални претпријатија е поддржан од европската унија, проектните партнери Барка и Ептиса, како и од нашето Министерството за труд и социјална политка. Споделени ќе бидат информации за основање на социјални и претпријатија и како да се одржуваат полесно во функција. Може да се формираат социјални претпријатија во сите области, од услужни до производствени. Попоска вели, ние имаме теоретски знаења, но ќе бидат пренесени искуства и од гостите, кои сакаме да заживеат во Локалните самоуправи на Југозападниот плански регион.
„Зависи од волјата на Локалните самоуправи, од добрата волја на градоначалниците, да ги анимираат луѓето и да им се даде финансиска и институционална поддршка. Секој градоначалник може да направи иницијатива ако ја чувствува“, вели Попоска.
Во моментов, во Југозападниот плански регион постојат 20 вистински социјални претпријатија кои функционираат како друштва со ограничена одговорност, заштитни трговски друштва или проектни иницијативи на Невладини организации. Во 2023 година се очекува да биде донесен Закон за социјални претпријатија со кои во земјава ќе се олесни процедурата за нивно формирање .