Населбата Билјанини извори во еколошка опасност
Жителите од улиците Галичица, Никола Карев и Мирче Ацев се наоѓаат во неподнослива ситуација од затната фекална канализација. Десеттина денови се борат со фекална вода која им ги поплавува домовите и подрумите и им предизвикува штета. Дваесетина семејства се загрижени за своето и здравјето на жителите од населбата кои незнаејќи, секојдневно газат низ фекални води, кажува Огнен Достиноски од името на засегнатите жители.
„Покрај нашите јавувања до сите служби останавме без конкретно решение. До денес, останавме заглавени со фекални води во приземните простории. Ги чувствуваме реата и водите кои течат по улицата и тротоарите кои се сериозна опасност од потенцијални заразни болести кои надвиснале над нашите глави и 2000 околни жители кои гравитираат во овој дел од населбата, во градот на светлината Охрид“, вели Достиноски.
Ова не е прв пат да имаат ваков проблем жителите од населбата Билјанини извори, но овојпат канализацијата останала најдолго запушена. Оштетени сме ем финансиски ем здравствено, реагираат жителите. Не можеме повеќе да живееме во куќите. Апелираат надлежните да ја средат неподносливата ситуација веднаш и долготрајно.
„Реагиравме до надлежните институции, Нискоградба, Колекторски систем. Тие си ги префрлаат надлежностите едни на други иако пуштаме фекална вода во колекторскиот систем. Не е исправно, но тоа мора да го направиме за да ги растеретиме приземните простории од таа вода па ја пуштаме по улиците. Засегнати се сите 2000 жители од оваа населба и околните жители“.
Владимир Алексијоски, директор на ДЈП Колекторски систем, информира дека посочениот проблем е во деловното работење на ЈП Нискоградба. Ние не бегаме од одговорност, на барање на колегите од Нискоградба им пуштивме специјално возило со камера кое го чистеше колекторскиот систем на Булевар Туристичка. Утврдено е дека запушувањето е резултат на големи количини таложен песок од новите градби изградени во тој дел од градот. Трајно решение е изградба на нов канализационен систем , но со интервенција на цевководот гарантираат дека може целосно да го одстранат проблемот.
„ Решението е времено, да , но сепак е решение. Очигледно е од секојдневните реакции од граѓаните дека имаат големи проблеми. Во разговор со Нискоградба и Локалната самоуправа им е посочено дека фирмата е подготвена да интервенира 7-8 дена и да биде исчистено за нормално да функционира секундарната канализација“, вели Алексијоски.
Од ЈП Нискоградба во писмен допис, информираат дека со редовно одржување како досега не може трајно да се реши проблемот на канализационата мрежа на улицата Галичица со улиците Мирче Ацев и ул.Никола Карев.Признаваат дека големи количини таложен песок го зачепил протокот на секундарнаат канализација.
„ Во консултација со стручни служби и координација со локалната самоуправа заклучено е дека трајно решение е можно само со градежен зафат односно изведба на нова линија. Имено во тој правец веќе е разговарано со локалната самоуправа преку фондот за комунален развој. Преземени се конкретни чекори за отпочнување на постапка за реконструкција односно изведба на нова фекална канализациона линија на потегот од раскрсницата на улиците Галичица со Мирче Ацев и раскрсницата на улиците Мирче Ацев и Никола Карев“, стои во дописот на ЈП Нискоградба.
Започнување на градежниот зафат се очекува во најкус можен рок бидејќи веќе е оформен предмет. Извршено е скенирање, мерење и извршена е предмер пресметка. Се чека налог за отпочнување на градежните работи, информираат од ЈП Нискоградба.