Пуштен во употреба новиот ангиограф во Кардиолошки
Во Специјализираната болница „Свети Стефан“ во Охрид пуштен во употреба новиот ангиограф добиен преку Министерството за здравство како замена на стариот кој е вон функција. Апратот во употреба го пушти Министерот за здравство Беким Сали.
Денес токму на одбележувањето на јубилејот од 40 години постоење на Специјализираната болница „Свети Стефан“и официјално го промовираме пуштањето во употреба на новиот ангиограф со кој се подобрува квалитетот на здравствени услуги на одделот за интервентна кардиологија. За набавката на ангиографот се обезбедени средства од МЗ во износ од 30 милиони денари – истакна Сали.
Овој апарат ќе придонесе за подобрување на квалитетот услуги во одделот за Интервентна кардиологија и за намалување на листата на чекање.
Денеска на одбележувањето на денот на одбележувањето на нашиот четириесет годишен јубилеј, почнуваме нова деценија со нов ангиограф, кој ќе го подобри квалитетот на здравствените услуги за нашите пациенти во делот на интервентната кардилологија, како и можноста за нови дијагностички и тераписки процедури и најважно од се намалување на листата на чекање на елективниот програм – вели д-р Елена Коваческа Башуроска, директор на ЈЗУ Специјализирана болница „Св. Стефан“.
Охридската специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања е една од 4-те болници во државава која располага со ангиораф. Но на установата во која повеќе од 2000 пациенти годишно од југозападниот регион како и од Ресен и Битола добиваат дијагностички и интервентни процедури, неопходен и е уште еден ваков апарат. Министерот вели дека тоа е во план со отворањето на новиот блок во специјалната болница „Св. Еразмо“.
Таа установа ја планираме да биде центар за интервентни кардиолошки услуги, а оваа зграда ќе биде рехабилитационен центар. Така да, за во иднина една таква инвестиција како ангиограф, ќе биде испланирана после отворањето на таа болница – рече Сали.
Специјализираната болница „Свети Стефан“ го одбележа својот 40 годишен јубилеј, на свеченост која се одржа во Катедралната црква „Света Софија“.