Skip to main content

Локална самоуправа

Планинска куќа во Брежани

Руинирана, школска зграда адаптирана за развој на авантуристички туризам во Дебрца. Со објектот ќе стопанисува општина Дебрца. Средствата за реновирање на зградата се обезбедени од ИПА фондовите и Министерството за локална самоуправа.
 |  Валентина Неловска  | 

Планинска куќа со дваесетина легла , современи бањи и кујна доби селото Брежани. За брежанци е празник пуштањето во употреба на современиот објект. Во ова планинско селце, сместено во пазувите на Илинска планина, во општина Дебрца, на триесетина км од Охрид, се отвора нова можност за развој на туризмот. Реконструкцијата на старата училишна зграда е во рамките на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од Европската Унија преку програмата за прекугранична соработка со Албанија. Проектот е реализиран од страна на Црвен крст – Охрид во партнерство со општините Дебрца од Македонија и Грамш од Република Албанија, како и Алпинистичкиот клуб Патагонија од Охрид.

Објектот навистина ќе е клучен во развојот на авантуристичкиот туризам во овој регион. Регионот, селото Брежани и Илинска планина се атрактивни и неоткриени дестинации во туризмот што најчесто се бара.Сега има можности за да се нуди овој регион“, вели Антонио Додевски од АК Патагонија.

Зоран Ногачески, градоначалникот на општина Дебрца, подвлече дека општината со своето природно и културно наследство е дел од заштитеното подрачје на Унеско. Заедно со планинските масиви Караорман, Славеј Планина, Мазатар, Стогово и Илинска планина ги има сите природни услови и ја прават Дебрца погодна за развој на сите форми на туризам.

Во овој проект беа обезбедени специјално возило , опрема за спасување во зимски услови и реконструирана старата училишна зграда во Брежани и предапатирана во планинска куќа. Воспоставена е потребна инфраструктура за создавање услови за развој на туризмот. Во наредниот период ќе најдеме правен модул за овој објект да се стави во функција во однос на она што е намената“, рече Зоран Ногачески градоначалникот на општина Дебрца .

Љубителите на природата и планинскиот, авантуристички туризам имаат објект каде ќе може да престојуваат. Од руинирана , напуштена училишна зграда објектот е преадаптиран во современ објект од дваесетни легла, неколку бањи и кујна, кажа Сашо Точков, претседателот на ОО ЦК.

„Голем предизвик ни беше изградбата на домот. Жителите знаат како изгледаше старото училиште и како изгледа објектот сега. Посакуваме со здравје, со љубов и грижа да го користат жителите од Дебрца и брежанци, но и сите посетители на оваа прекрасна природа“, кажа Точков.

За изградба на планинската куќа обезбедени се финансии, и тоа 80 проценти од ЕУ од проектот за прекугранична соработка со Македонија и Албанија и 20 проценти од Министерството за локална самоуправа. Очекувањата се дека овој објект ќе биде поттик за понатамошни заложби за инвестиции во авантуристчкиот туризам во регионот.