ГРК Охрид ќе го пречека шампионот Вардар
Тренерскиот дел од градскиот ракометен клуб Охрид нестрпливо го очекува дуелот со шампионот Вардар. Подготвени се да покажат дека напорното тренирање, видео анализи и како што велат „спиењето во сала“ ќе даде плод и ќе прикажат модерен ракомет со жестоко темпо и фанатична игра во одбрана со дадени 200 проценти од можностите. Тие ќе дадат се од себе а го очекуваат истото и од верната охридска публика.
Оваа година од никого не се плашиме, ќе одиграме одличен натпревар. Можеме и да изгубиме 10 разлика, а можеме и да победиме. Даваме се од себе на тренинзи и натпревари така ќе биде ве уверувам и утре. Охриѓани ќе има што да видат кога ќе дојдат на натпревар. Битолчани покажаа пред две недели во Купот како се навива за својот клуб. Ние треба да сме среќни во Охрид што имаме ваков клуб. Барам поддршка од нашата охридска публика која го знае ракометот, знае да направи атмосфера подобра од чкембари и комити – изјави Горан Андоновски.
По досегашните 4 кола, Андоновски е задоволен од тоа што го покажуваат играчите на терен. Клубот од никој противник не е надигран, во гостинските порази играле рамноправно, а во една од 10-те најсилни лиги во Европа имаат најдобра одбрана. Среќен е што и во нивниоте очи гледа жар за победа. Тренерот на гладијаторите се осврна и на загубата на млади охридски ракометари кои го напуштија клубот, а за нивна замена потребно е време. Лигата е таква што не е дозволен кикс за плејофот да стане реалност. Младите ракометари ќе мораат да се докажуваат преку младинските лиги под палката на тренерот Бабачев.
Мислам дека оваа година најмалите ќе собираат искуство исто и поголемите. Се надеваме дека ќе се остварат добри резултати и дека во иднина ќе ги добиеме како играчи во првиот тим, што е цел во нивното вложување. Да не ги заборавиме условите кои ги дава овој клуб, во нашите младински категории не се наплаќа членарина, опрема термини превоз. Се тоа ставено во функција на нашите млади играчи, за нивниот развиток – вели Наум Бабачев.
Натпреварот ГРК Охрид-РК Вардар е закажан за утре во 19 часот и 30 минути, а влезот во спортската сала Билјанини извори е 50 ден.