Mлекопроизводителите добија субвенции
Над 153 милиони денари се исплатени на 6.396 домашни млекопроизводители. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализира исплатата на млекопроизводителите за проиведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко во периодот март, април и мај 2021 година, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од Агенцијата ги подготвуваат налозите и за исплата на млекопроизводителите за периодот јуни и јули 2021 година. Корисници на оваа поддршка се земјоделски стопанства регистрирани како одгледувачи на говеда, овци и кози во Регистарот на одгледувалишта. Висината на директните плаќања изнесува 3,5 денари по литар произведено и предадено кравјо млеко и 4,5 денари по литар за произведено и предадено овчо и козјо млеко во преработувачки капацитети запишани во регистарот на откупувачи на земјоделски производи.
За поддршка на домашните млекопроизводители предвидена е нова мерка во висина од 140 милиони денари за надополнување на Интервентната програма . Со тоа се обезбедува поддршка на млекопроизводителите по литар произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко во домашни капацитети за период од 1 октомври 2021 година до 30 септември 2022 година. Целта на интервентната мерка е поддршка во намалување на трошоците и загубите кај млекопроизводителите, кои како резултат на светската криза, се јавија со последните поскапувања на репроматеријалите и сточната храна. Средствата за оваа мерка се веќе обезбедени преку ребалансот на буџетот.